Најдобриот среден блокер од Летните олимписки игри во Атланта, Николај Жељасков, е нов селектор на македонската машка одбојкарска репрезентација, а целта е да се минат квалификациите за СП во конкуренција на Украина, Црна Гора и Албанија. Ние сме организатори на квалификацискиот турнир од 24 до 27 мај, што ќе се игра во Скопје или во Велес. Ако го минеме првиот филтер како првопласирани, ќе играме уште еден циклус за пласман на СП 2014 во Полска.
-Чест ми е што ќе ја предводам Македонија. Се надевам дека ќе направиме позитивна атмосефра и силен состав за да ги минеме квалификациите. Теоретски најслаба во нашата група е Албанија, најсилна Црна Гора, но не смееме никого да потценуваме. Имаме идеи како да направиме чекор напред, а почнуваме веднаш, бидејќи немаме премногу време до стартот на квалификациите- рече Жељасков.
Тој има одлична одбојкарска биографија. Беше стандарден репрезентативец на Бугарија, која е велесила во одбојката, а играше за италијански, грчки, бразилски и бугарски клубови.
Првиот собир на репрезентативците е денеска во Крушево, а ќе играме и четири подготвителни натпревари. Најпрво ќе и гостуваме на БиХ на 14. мај во Оџак, а потоа во Ровињ ќе играме три натпревари со Хрватска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


