| четврток, 6 декември 2018 |

Репортажа за „Струшки книжевни средби“ во списанието „Хелис“

На насловната страница на романското книжевно списание „Хелис“ во печатена и електронска верзија објавена е репортажа со наслов „Хелис во Струга“, на новинарот Василе Јордаке.

Списанието за книжевност „Бранувања“ од Струга информира дека медиумот отстапил поголем простор, за заложбите и придонесот на „Хелис“ во романско-македонските врски и неговиот севкупен влог во градењето на книжевните релации.

Новинарот, како што е наведено во соопштението, се повикува на објавите во македонските медиуми за добитниците на меѓународната награда „Струшко слово“ што ја доделува ревијата за книжевност „Бранувања“, а добитници се романскиот писател Ѓорѓе Добре и универзитетската професорка Виолета Димова од Македонија.

– Со опширен приказ на културните релации меѓу Република Романија и Република Македонија, потврдено е учеството на романските писатели Ѓорѓе Добре и Никола Теохарие на годинашните „Струшки книжевни средби“ што од 7 до 9 јули ќе се одржат во Струга, Охрид и Вевчани.

На манифестацијата ќе учествуваат писатели од Македонија, Албанија, Бугарија, Србија, Словенија, Полска, Хрватска, а на Добре ќе му биде врачена престижната награда „Струшко слово“, се вели во репортажата на новинарот Јордаке. Во последниот број на „Хелис“, објавени се и песни на македонските поети Христо Петрески, Славе Ѓорго Димоски и Милован Стефановски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top