Мајката на тригодишното дете што падна кај горилата во Золошката градина во американскиот град Синсинати, нема да биде обвинета, соопшти државното обвинителство.
Користејќи ја невнимателноста на својата мајка, момчето се искачило на оградата и паднало во просторот длабок три метри на Зоолошката градина, каде што се наоѓала горилата.
Безбедносните служби на градината го застрелаа мажјакот стар 17 години, кој го грабнал детето и десетина минути го влечел низ просторот, објаснувајќи ја таквата постапка со стравот дека големото диво животно ќе го убие детето.
Инцидентот се случи минатата недела и предизвика различни коментари во американската јавност.
Поголемиот дел од јавноста го оправдуваа реагирањето на чуварите, кои ја застрелале горилата, но активистите за заштита на животните сметаат дека ваквата одлука на управата на Зоолошката градина била избрзана.
Според нивното објаснување, анализата на снимките од безбедносните тв камери во градината, покажуваат дека горилата не го повредило детето. Тоа по прегледот во болница, било пуштено на домашно заздравување.
Активистите, исто така, бараа одговорност и обвинување за мајката за „негрижа кон сопственото дете“.
Во објаснувањето на Обвинителство се вели дека против мајката нема да биде поднесено обвинување, затоа што водела грижа и за други три нејзини деца, кои, исто така, биле со неа во Зоолошката градина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.