Најдобрата репрезентација на Македонија добива огромно засилување на дефицитарната центарска позиција, од ФИБА во канцелариите на Македонската кошаркарска федерација пристигнаа документите за 226 сантиметри високиот Македонец, Марко Дујковиќ.
Дваесет и шестгодишниот Дујковиќ ( роден 21.03.1990 година во Куманово) по мајка е Македонец, во контактите со новиот предводник на нашиот сениорски тим Драган Раца изразил подготвеност да игра во црвено-жолтиот дрес, што веднаш е прифатено и врз основа на неговата желба канцеларијата на МКФ стапи во контакт со ФИБА, а претседателот Петар Наумоски лично се ангажираше и одржа неколку средби со одговорните лица од ФИБА за оваа проблематика по што следуваше позитивен одговор и високиот центар доби можност да настапува во нашиот национален тим како Македонец. Секако благодарение на неговото потекло и место на раѓање, но и според потеклото на неговата мајка која е Македонка.
Високиот Дујковиќ сигурно ќе биде од голема помош во играта под кошевите посебно во претстојните квалификации, откако Предраг Самарџиски поради повреда најави дека ќе го прескокне квалификацискиот циклус за пласман на ЕП во 2017.
Марко Дујковиќ инаку настапувал во повеќе клубови во Србија, Босна и Херцеговина и во Грузија.
Дујковиќ по три сезони во српскиот прволигаш Металец, една сезона е дел од тимот на Босна, а последната сезона настапува во првенство на Грузија во екипата на Олимпија од Тбилиси. Во Србија играл и за екипата на Раднички од Белград.
Во дресот на Олимпија од Тбилиси во шампионатот на Грузија Дујковиќ на 17 натпревари просечно играл по 25,4 минути остварувајќи 11,4 поени и 11,8 скока.
Инаку, Дујковиќ во моментов е еден од петте највисоки кошаркари во Европа. Тој веднаш се стави на располагање на селекторот Драган Раца и ќе дебитира во репрезентацијата на турнирите во Кина, на кои ќе настапиме со комбиниран состав. Покрај Дујковиќ на турнирите во Кина ќе играат и младите и надежни Младеновски и Мекиќ (МЗТ Скопје А.), Сапунџиев (Карпош Соколи), Стајиќ П. Пајиќ (Фени И.) и Главчев (Кожув).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.