Македонскиот народен театар (МНТ) ја подготвува претставата „Соларис“, копродукција на театарот и виенскиот Фестивал „Винер Фествохен“.
Претставата е според текст на Станислав Лем, а во режија на Андриј Жолдак. Премиерата на оваа претстава ќе биде на 11, 12 и 13 јуни на Фестивалот „Винер Фествохен“ во Виена, еден од најпрестижните светски фестивали. Скопската премиера е предвидена за септември.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска денеска присуствуваше на проба на претставата заедно со директорот на МНТ Дејан Пројкоски и селекторакта на фестивалот Марина Давидова.
-Имавме исклучителна можност да присуствуваме на мал дел од претставата „Соларис“ која се подготвува за светската премиера во режија на Жолдак, кој веќе работи втора претстава со МНТ. Сметам дека оваа светска премиера во Виена е од исклучително значење, пред се, за Македонскиот народен театар, рече министерката. За септември, Канческа Милевска рече дека се надева оти ќе се исполнат плановите за нова, оваа година втора копродукција, со театарот од Полска.
Режисерот Жолдак го поставува „Соларис“ како еден вид на повратен лет патување од далечна ѕвезда во најскриеното себе, во свет кој е помистериозен од пространата вселена, фасцинантна и опасна одисеја низ сеќавањата и искрените копнежи. За режисерот Жолдак ова е втора соработка со МНТ. Претходно тој ја работеше на претставата „Електра“.
-Имам одлични искуства. Воспоставивме одлични искуства со актерите и со сите институции. Многу ми е мило што можеме да соработуваме со МНТ и со Македонија. Овој процес воопшто не е лесен. Имаме 40 дена за проби. Не би сакал да зборувам за претставата бидејќи сме на средина на работата, рече Жолдак. Пренесувајќи ги своите чувства, тој додаде дека ова е добар избор и посочи дека директорот Пројкоски, со текот на времето создал можеби најдобар театар на Балканот. Мојата лична теорија е дека луѓето се тие што прават се, и секако важни се тимовите. Јас Македонија ја сметам за мој втор дом. „Соларис“ е планирано да биде сериозна претстава, но се е можно во оваа уметност така што ќе видиме што ќе излезе, рече режисерот Жолдак.
Селекторката на фестивалот Марина Давидова истакна дека ова е прва соработка со МНТ, на еден од најважните светски театарски фестивали во светот.
-Претставува голема одговорност за мене како и за режисерот. Се обидов да ја направам најдобрата можна програма. Имаме навистина големи имиња од европскиот и светскиот театар. Продуцијата на „Соларис“ на МНТ е дел од една многу силна и добра програма. Иако нема официјален натпревар се надевам дека ќе бидете најдобри и на некој начин ќе победите, рече Давидова, посочувајќи дека станува збор за еден голем меѓународен проект.
Директорот на МНТ Пројкоски му се заблагодари на Жолдак што ја одбрал Македонија и МНТ да биде местото каде што ќе ја работи „Соларис“, како и на Министерството за култура кое ја поддржало нивната идеја за промоција на своите претстави надвор од земјата.
-Ако се запрашаме сите што значи современиот тетатар денес, естетиката на современиот театар, кои се големите имиња на современиот театар, на режисери, одговорот е прост ќе ги најдете на Фестивал „Винер Фествохен“, рече Пројкоски кој посочи оти е горд и многу среќен што премиерата на претставата и што МНТ ќе почне да се промовира во Европа. Виена, како што рече, е почетокот на играњето и презентирањето на МНТ во она што се нарекува прва лига на театарки и фестивали.
Актерската екипа на „Соларис“ ја сочинуваат Дејан Лилиќ, Дарја Ризова, Александар Ѓорѓиоски, Славиша Каевски, Драгана Левенска, Александар Михајловски, Борче Начев, Софиа Насевска Трифуновска, Арна Шијак, а во претставата настапуваат и три деца. Сценографијата е на Жолдак и Моника Пормале, костимограф Даниел Жолдак, асистент на режија Никола Кимовски, а музиката е на Владимир Кликов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.