Македонски дуети – македонска музичка историја
Како што Сони не може да се спомене без Шер, Сајмон без Гарфанкел, а Натали без Нет Кинг Кол, така македонската музичка сцена не може се спомене без дуетите. Соработки што траеле со години, имиња што заедно создале нешто многу поголемо од тоа што сами би постигнале, сестри, браќа, сопружници, пријатели. Стандардните дуети се дел од историјата, традицијата и самиот темел на тоа што денес значи македонска музичка историја
Маријана и Росана
Сестрите близначки ја почнаа кариерата на само 17 години и веднаш го најдоа своето место меѓу најдобрите. Публиката толку ги памети како единка, што и ден-денес се прават грешки за тоа која беше Маријана, а која Росана.
Маријана Новачевска веќе 24 години живее во Австралија. Таа како забен техничар работи во Мелбурн, каде што живее со својот син Филип и со ќерката Магдалена.
Петнаесет минути постарата Росана, пак, продолжи да ја следи својата пасија, музиката, години откако Маријана замина на другата страна на светот. Сариќ – Тодоровска остави зад себе хитови и како соло-изведувач, а беше дел и од групата „Четирите грации“ заедно со Благица Павловска, Адријана Алачки и Бади Бекир. Неодамна ја прими наградата за трајни музички вредности од емисијата „Бекстејџ“.
„Ако не издржам“, „Стој“, „Љубов“… рефрени што потврдуваат дека Маријана и Росана за Македонија засекогаш ќе останат едно. Доказ се сите седенки, настапи, излегувања, дружби со гитара, кои не поминуваат без едногласното пеење на „Признавам“.
– Ме исполнува прекрасно чувство кога внука ми Ивана ќе ми каже дека по кафулињата сѐ уште се пушта „Признавам“, дека и ден-денес луѓето ги пеат „Те познавам“, „Едно срце имам душо“ и многу други препознатливи рефрени што останале да сведочат за тоа каква музика и со каков квалитет сме живееле некогаш – рече Маријана во неодамнешната посета на родниот крај.
Адријана Алачки и Ирена Спасовска
Ако на Маријана и на Росана понекогаш музичко друштво им правеше Тоде, поранешниот сопруг на Маријана, дуото на Адријана Алачки и на Ирена Спасовска се комплетираше и со Горан, поранешниот сопруг на Адријана.
Приватните врски не го спречија успехот на овие соработки, напротив. Деведесеттите години фолк-музиката помина во знакот на овие две дами, кои беа сензација и освежување за тоа време. Настапувајќи на многу фестивали и манифестации, Адријана и Ирена поминаа неколку години како музичко дуо. „Ова е приказна стара“, „Сите пеат, а јас плачам“, „Денес свадба се прави“, „Доста ми се твоите лаги“, „Миле мој Миленце“, „Не ми треба друг“ се само дел од рефрените што ги оставија зад себе.
Покрај песните, публиката ги памети и по нивниот изглед „сѐ само обични не“. Тие експериментираа со облеката, шминката, начинот на изведување, често шокирајќи ја јавноста.
Дуото се распадна пред околу две децении, кога и двете тргнаа на своја страна, но никогаш не беше потврдено дали пријателките и соработнички, навистина, се скараа или за оваа разделба имаше друга причина.
Денес и двете имаат соло–кариера, а Адријана стана позната и по нејзината емисија за готвење и готвачот на македонски традиционални јадења.
Селимова – Желчески
Педесет и пет години Кефсер Селимова твори заедно со својот Ѓорги Желчески. Ова брачно-музичко дуо од Македонија, како фолк-дует почна да постои од 1961 година.
– Прво почнавме да работиме заедно, а потоа се вљубивме еден во друг. Сите овие години пееме љубовни песни. Тие нѐ одржаа – вака Кефсер и Ѓорѓи зборуваа во интервјуто за „Вест“, 2010 година.
Годинава брачната музичка двојка го доби признанието за животно дело на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, која им е прва и единствена награда добиена во Македонија.
Во нивната богата дискографија имаат издадено 11 албуми и 11 сингл-плочи. Најпознати се по песните „Марија“, „Пуста била меана“, „Врати ми се“, „Љуби ме, љуби ме“…
Приватно, тие се родители на 36-годишната ќерка Ана, која работи како туристички водич.
Денес сликата е многу поинаква. Веќе ретко кој се решава да направи дуо, а пејачите соработуваат само на еден проект или песна наменета за некој фестивал, најчесто како обид да се протнат на „Евровизија“. Тоа во повеќето случаи е со незначаен успех, не е мерлив со една „Ти“ на Лидија и на Тања Кочовски, „За многу години Македонци“ на Виолета Томовска и на Наум Петрески, па дури и „Немир“ на Каролина и на Тоше Проески.
„Дуле и Коки“ се распаднаа долго пред Душан Љубисавлевиќ да замине во легендите, Владимир Крстевски – Франц веќе некое време не е „Нокаут“ заедно со Никола Перевски – Пере, останаа Роберт и Панки како „Куку леле“, иако ретко ги гледаме на музичката сцена. Сепак, во музичката историја ќе остане легендарната „Ластовица“, дуото на Владо Јаневски и на Роберт Саздовски.
Единственото стандардно дуо денеска остануваат Владимир Блажев – Панчо и Андреј Ѓоргиевски, со нивното „ДНК“, како и брачната двојка „Силви бенд“.
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 188. број на неделникот „Република“, 08.04.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.