Постои период во животот на секој млад човек кога го зафаќа свадбен вител. Еден од друштвото повлекува нога, па следуваат и другите. Свадби на роднини, пријатели, колеги, кои во моментот ќе ве стават во мала финансиска криза, но тоа е ништо во споредба со радоста и со славењето на почетокот на новиот животен период.
Иако според Државниот завод за статистика, август е месецот во кој се склучуваат најголем број бракови во Македонија, воедно и бележи најмалку разводи, пролетта е вистинскиот почеток на овој љубовен бум. Според христијанските традиции, свадбените прослави се избегнуваат за време на големиот велигденски пост, па од Велигден веќе почнуваат да пристигнуваат првите свадбени покани.
Во последните неколку години македонската естрада доживуваше бејби-бум, но се чини2017 година станува година на свршувачките. Во само неколку дена бевме сведоци на неколку вакви убави вести.
Каролина Гочева и Михаил Корубин
„Конечно, ќе се мажи“, зборови што, веројатно, ја нервираат секоја девојка, a, како што и самата Каролина признава, неа најмногу. Не постои друг, чијшто приватен живот е толку многу коментиран од јавноста, а сега, по толку озборувања, шпекулации и шеги, македонското девојче отворено кажа пред светот: Да, ќе се мажам.
Избраникот на Каролина Гочева е Михаил Корубин, трета генерација сликар од познатото уметничко семејство, кој ужива и во создавање музика. Пријателите на Каролина коментираат дека 37-годишната пејачка ,конечно, ја пронашла својата сродна душа.
– На среќата ѝ нема крај. Ќерка, да сте вечни, насмеани, бескрајни насмевки. Tи ја заслужуваш најголемата среќа на овој свет, една од неколкуте светли и убави ликови во мојот живот. Среќна што те имам, топлина во душата – прва честиташе Весна Петрушевска-Бејби.
– Уште на ланскиот роденден на Михо знаев дека сте создадени еден за друг, се гледаше по сјајот во очите. Многу сум среќна другарке моја за вас, заслужи ваква среќа и ваков човек до себе, по толку премрежиња. Среќата кога-тогаш доаѓа и вреди да се чека вистинската љубов – вели во честитките за среќната двојка Елена Ристеска.
– Koга две златни души ќе се спојат – коментира Цаци Паковска.
Корубин го одбра градот на љубовта и на уметноста за да ја побара раката на својата сакана, а веста за нивната свршувачка барем на кратко ни ги тргна мислите од политиката.
Милена Антовска и Гордан Станковски
Миленичката на сите редовни гледачи на утринска програма вели дека ова е најубавиот период во нејзиниот живот. Покрај тоа што се заколнаа на вечна љубов, Милена и Гордан го очекуваат нивното прво дете.
Водителката и нејзиниот избраник се свршија зимава, по само неколку месеци врска, период во кој и двајцата сфатија дека покрај себе го имаат вистинскиот сопатник.
Двојката прво се венча во манастирот „Св. Јован Бигорски“, а свадбената веселба ја оставија за неколку дена подоцна. На големиот прием присуствуваа сите колеги на Милена од нејзината матична куќа „Канал 5“, а првиот танц им го отвори Лидија Кочовска, која им ја запеа „Ти си тој“.
Со свадбените обврски веќе зад нив, пред идните родители е период со подготовки за новиот член на семејството, малата Лана.
– Не знам што ме очекува, но највозбудена сум на свет – ни откри Милена.
Нина Јанева и Александар Николовски
Кога Нина би пишувала автобиографија, би си ја нарекла „Отворен круг“ , според неа, заради верувањето дека секој си е кројач на сопствената судбина и секој е господар на своите одлуки.
Последната одлука на македонската пејачка е да му каже „да“ на своето момче. Нина вели дека знаела дека Александар е вистинскиот уште од првиот ден.
Двојката е заедно една и пол година, а само неколку месеци по соединувањето решиле да живеат заедно. На социјалните мрежи веста за нивната свршувачка ја сподели колешката и другарка на Нина, Наде Талевска, која вели „не можам да си ја соберам насмевката од среќа за нив“.
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 245. број на неделникот „Република“, 12.05.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.