По долго време македонската сениорска кошаркарска репрезентација доби нов селектор. Како дојде соработката токму со Драган Раца, кој не е познат во македонската јавност?
Наумоски: По завршувањето на Европското првенство во 2015 година македонската репрезентацијата остана без селектор. Желбата и целта на Управниот одбор, како и на целата кошаркарска јавност беше на тоа место повторно да се врати најтрофејниот селектор Марин Докузовски. Откако УО ѝ наложи на тричлената комисија да почне преговори токму со Докузовски, по неколкуте разговори што ги имавме јас и потпретседателот Илија Пенов не се најде заеднички јазик и оттука мораше веднаш да се реагира и да се најде тренерско име. По само десетина дена откако пропаднаа преговорите со Докузовски, почнавме разговори со Драган Раца и можам да кажам дека многу брзо се договоривме.
Кој е Драган Раца?
Наумоски: Морам да нагласам, новиот селектор воопшто не е во никакви приватни релации и пријателства со мене, ниту со директорот Заре Марковски, оттука сакам да ставам крај на шпекулациите што беа изнесени во некои портали дека токму поради тоа Раца е поставен за селектор, без никакво педигре и тренерско искуство.
Не е етички веднаш да се оцрнува името на господинот Раца и не е културно од некој новинар веднаш да напаѓа и да ги минира подготовките со вовлекување на целата јавност или однапред да ги стави самите квалификации во пропаст поради, условно, слабите резултати. Откако ќе се завршат квалификациите и ќе се сумираат резултатите, тогаш може да се каже за квалитетот на селекторот, па и за работата на федерацијата.
Морам да кажам дека ниту еден селектор што го имала Македонија во минатото претходно немал никакви забележителни резултати на селекторска функција во неговата кариера. Драган Раца во минатото бил селектор на две репрезентации од кои едната ја одвел на Светско првенство. Тоа се параметрите и разликите од претходните селектори од кои се водевме, дали селекторот има знаење, има визија и има резултат и квалитет да биде шеф на стручниот штаб и во македонската репрезентација. И за крај сакам да кажам дека Драган Раца нема да биде селектор на една Шпанија, Франција, Италија, кои во своите редови имаат репрезентативци што настапуваат во Евролигата или во НБА, туку ќе биде селектор на Македонија, која има целосна смена на генерација и на репрезентативци, со исклучок на Војдан Стојановски и на странецот што ќе го ангажираме, кои настапуваат во домашното првенство, кое, да бидеме искрени, е катастрофално.
Зошто се чекаше толку за да се официјализира договорот со него? Какви се неговите планови за подготовките и за очекувањата од квалификациите?
Наумоски: Иако по само неколку разговори со господинот Раца бевме подготвени да го официјализираме договорот уште пред почетокот на оваа година, сакавме да почекаме за да ги добиеме неговите планови, размислувања за подготовките за квалификациите и неговите очекувања од самите квалификации. Сакавме да бидеме уверени дека новиот селектор е вистинскиот човек за нашата репрезентација со цел да се продолжи континуитетот на настапи на европските првенства. Можевме уште тогаш да го објавиме неговото име и да ги запреме шпекулациите во медиумите за други потенцијални селектори, но одевме чекор по чекор и решивме дека на околу 100 дена од почекот кот на подготовките е вистинското време за официјализирање на соработката.
Можете ли да ни откриете какви се плановите на селекторот Раца и дали се затворени вратите во репрезентацијата за поранешните кошаркари, кои беа носители на историскиот успех, четвртото место на Европското првенство во Литванија?
Наумоски: Подготовките за квалификациите ќе се одвиваат во повеќе фази. Дел од програмата на новиот селектор, на големо задоволство, беше прифатена од УО уште при првото излагање.Првиот собир на потенцијалните репрезентативци ќе се случи веќе во јуни кога нашата репрезентација дваесетина дена ќе биде гостин на високо ниво во Република Кина, каде што ќе ги одработи и првите подготовки и ќе одигра три официјални пријателски натпревари со репрезентацијата на оваа држава. Мислам дека оваа фаза е добредојдена за сите кошаркари што ќе патуваат во Кина бидејќи оваа репрезентација е редовен учесник на светските првенства и на Олимписките игри што докажува дека се работи за квалитетна селекција. Во следните фази македонската репрезентација ќе учествува и на три други турнири, така што недостигот од пријателски натпревари и минутажа на одредени репрезентативци ќе биде добро покриена со цел да се подигне нивото на играчи што имаат мала минутажа во матичните клубови. Секако, една од работите на селекторот е да ги одбере потенцијалните репрезентативци. Вратите се отворени за секого, а кој сака да игра може слободно да го прифати повикот што би дошол од селекторот Раца и да продолжи со успесите на оваа репрезентација. Само Драган Раца има за право да донесе одлука кои кошаркари ќе настапуваат во иднина и ќе го носат дресот со македонско знаме.
Во периодот кога Македонија полека почнува да се подготвува за квалификациите за Европското првенство во 2017 година, а назначен е и нов селектор, пристигнува ултиматум од ФИБА со забелешка дека репрезентацијата ќе биде исклучена од натпреварувањата поради некои клубови што имаат потпишано договор за учество во други натпреварувања, кои не се под капата на европската куќа на кошарката. До каде се работите во врска со тоа прашање?
Наумоски: Сакам да кажам дека во моментов сме во постојан контакт со господинот Коста Илиев, кој е назначен од ФИБА за човек што треба да контактира со сите 14 засегнати федерации, а претежно федерациите од поранешниот југословенски регион. Секој ден разговарам со него околу некои нови детали и постојано имаме нови информации и правци по кои треба да се движиме. Проблемот околу учество на нашата репрезентација настана откако шампионот МЗТ, кога се формираше АБА-лигата, влезе со активно учество. Но морам да нагласам, не е МЗТ клубот што прави проблеми во нашата федерација бидејќи тој не е сигурен учесник во Јадранската лига и следната сезона. Од Македонија сигурен учесник е само шампионот, кој ќе го добиеме на крајот од сезоната. Проблемот за нашата федерација почна кога пред еден-два месеца основачите на АБА-лигата, вклучувајќи го и МЗТ, потпишале договор со УЛЕБ. Оттука е и реакцијата и интервенцијата на ФИБА со суспензијата на нашата федерација и на другите од поранешните југословенски републики. Мислам дека идејата и целта на ФИБА не е да направи хаос во кошарката, нема намера да ги загуби најквалитетните репрезентации и федерации, па и екипи од Европа, во нивните натпреварувања. Кажувам нивни, затоа што во медиумите во Европа излегоа шпекулации дека токму тие 14 суспендирани репрезентации ќе формираат свое ново здружение, кое помогнато од УЛЕБ ќе организира паралелно Европско првенство. Во овој момент тоа изгледа апсурдно и невозможно, но верувајте дека моќта и финансиите прават сѐ. Некој, можеби, во 2000 година, кога се формираше УЛЕБ и нивната Евролига, не веруваше дека токму тоа натпреварување ќе ги привлече сите квалитетни и богати клубови под своја капа и ќе организира една таква лига, во која сите кошаркари ќе сакаат да играат и, секако, да биде финансиски оправдана.
Кој е ставот на Македонската кошаркарска федерација?
Наумоски: Мене како претседател на МКФ и на целиот Управен одбор ни е жал што клубови од Македонија се организатори на други лиги во пошироки размери како што е АБА-лигата. Проблемот не е само во Јадранската лига. Истиот проблем го имаат и федерациите од балтичките држави. И тие имаат такво меѓународно натпреварување, кое си тече преку цела сезона. Меѓутоа, јас можам да зборувам како претседател на нашата федерација. Јас сум претседател на нашите селекции, кои, пред сѐ, настапуваат само во некои европски натпреварувања, а се организирани исклучително од ФИБА. Нашиот став е, нормално, да не згаснат таквите можности и ние, што се вели, сме 100 проценти на страната и одлуките на ФИБА. Европската федерација не ги остава клубовите да настапуваат само во домашните првенства, туку остава можност да се најде некое заедничко решение со организаторите на постојните меѓународни лиги, а ако не се случи тоа, да се пререгистрира таа АБА-лига со некои нови сопственици. ФИБА уште минатата година даде предлог да се смени сопственичката структура на Јадранската лига и таа да биде во рацете на федерациите, чиишто клубови партиципираат во тоа натпреварување. Со тоа ќе се реши проблемот во најкраток можен период и клубовите нема да можат самоиницијативно да потпишуваат договори со организации што формираат свои лиги, а не се под капата на ФИБА. И да заклучам, а и на јавноста да ѝ биде кристално јасно, нашите репрезентации, клубови и кошаркари и понатаму ќе играат на меѓународните натпреварувања организирани од ФИБА.
Федерацијата и клубовите во овој период се подготвуваат за годишно собрание. Еднаш беше одложено со цел да се најде заеднички јазик за две големи прашања.
Наумоски: Како и секоја федерација, така и нашата е должна да одржи годишно собрание на кое ќе извести за состојбите во минатата сезона, за идните планови бидејќи нѐ чекаат квалификации за Европско првенство, финансиски извештај и, секако, да се разгледаат нови предлози и измени, кои треба да воведат нешто ново, нешто подобро. На ова годишно собрание кошаркарската федерација ќе излезе со два предлога, кои ќе бидат ставени на гласање во претходна консултација и состаноци со сите претставници на клубови во нашата држава.
Кои се тие предлози и како можат тие измени, ако бидат прифатени, да доведат до подобрување на клупската и на репрезентативната кошарка во Република Македонија?
Наумоски: Едниот од предлозите е секој клуб на сениорско ниво да може да регистрира максимален број играчи во текот на една сезона. Нашиот предлог е 16 кошаркари со цел да се заштитат и договорите на играчите со клубовите и да не се дозволи менување на голем број играчи на клупата на еден клуб. За ова веќе добивме и поддршка од здружението на македонски играчи во нашата кошарка и, како што стојат сега работите, по последниот состанок со клубовите и тие размислуваат слично, само треба да се одреди бројката дали ќе биде 16 или, можеби, 18.
Вториот предлог и, би се рекло, наш прв предлог е одлуката за бројот на странски играчи, која досега се донесуваше исклучително на собрание, да се префрли во Управниот одбор. Многумина инволвирани во кошарката кај нас па и надвор од неа мислат дека бројот на странци е преголем. Некој ќе каже дека квалитетот на нашата лига е на солидно ниво бидејќи имаме можност на терен да излезат дури шест странски играчи, но треба да се прашаме колкав е нивниот квалитет бидејќи, да бидеме реални, поголемиот број од тие играчи што дошле да играат во нашата држава не можат да си обезбедат договор во клубовите од државите од каде што доаѓаат.
Да бидам јасен, досега директно раководството на федерацијата беше напаѓано или беше виновно што во нашата Прва лига играат шест странски играчи. Ако веќе ние сме тие „виновници“, тогаш одлуката за бројот на странци нека се префрли директно во федерацијата. Ние не даваме предлог на собрание за намалување или за зголемување на бројот на странски играчи, туку предлогот е одлуката да се префрли на Управниот одбор. За тоа веќе минатата година беа организирани серија состаноци со македонските клубови и со здружението на прволигаши и останува на уште еден состанок да ги дефинираме работите пред да го одржиме собранието. Сакаме оваа катастрофална состојба што поскоро да ја прекинеме и да им дадеме можност на поголем број македонски млади кошаркари да се изградат во вистински играчи, а со тоа и репрезентацијата да ја подигнеме на повисоко ниво.
Разговараше: Бојан Момировски
Фото: Дејан Станчевски
(Интервјуто со Петар Наумоски е објавено во 191. број на неделникот Република, 29.04.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.