Македонската фудбалска репрезентација остана на 141. место на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), која денеска го објави своето мајско рангирање, а на кое нема големи промени сооглед дека немаше ниту активности на националните селекции.
Откако минатиот месец Македонија го достигна најслабото рангирање во својата фудбалска историја, овој месец немаше поголеми измени, бидејќи немаше репрезентативни активности.
Нашата репрезентација остана со 235 бодови и следните пријателски натпревари кои се закажани за крајот на мај против Азербејџан во Австрија и 2.јуни со Иран во Скопје може да донесат значителен скок во периодот кога повеќето репрезентации од Европа ќе се подготуваат за Европското првенство во Франција.
На врвот на листата нема никакви промени, па Аргентина е лидер пред Белгија и Чиле, следат Колумбија, Германија, Шпанија, Бразил, Португалија, Уругвај и Англија. Од нашите противници на следните пријателски мечеви, Азербејџан е 133-ти со напредок од една позиција, додека Иран е на 42-та позиција.
Нема промени ниту кај противниците од нашата група во квалификациите за СП во Русија, кои стартуваат во септември, па покрај шестата Шпанија, Италија остана на 15-то место, Албанија е 45-та, Израел е 76-ти, а Лихтенштајн на 173-та позиција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.