Лино Червар не го криеше задоволството по одличното издание на неговите избраници на денешното дерби со Вардар. „Металурзите“ во голем дел од натпреварот му беа и повеќе од достоен противник на шампионот, но Хрватот предупредува дека никако не смее да дојде до еуфорија, туку мора да се продолжи со напорна работа и во периодот што следи.
– Покажавме дека разликата не е толку голема, би рекол дури и дека ние бевме подобар тим на денешниот натпревар. Сепак, тоа не значи дека сме „топ“, ние се уште треба многу, многу, многу да работиме, но се наоѓаме на добар пат. Во одредени моменти игравме извонредно добра одбрана, имавме и падови, но тоа се должи на неискуството. Затоа реков и минатата година дека е огромна штета што овие млади момци сезонава не играа во СЕХА-лигата. Тоа беше катастрофална грешка, но се надевам дека сега ќе биде поправена, дека ќе играме во регионалното натпреварување, како и во ЛШ. На моите млади играчи им е неопходно искуство и очекувам да го добијат тоа во новата сезона. Нема да се фалиме, јас многу го почитувам Вардар, но денеска видовте дека Металург со големи чекори се враќа назад онаму каде што заслужува да биде. Треба да останеме скромни, да работиме, да исправиме многу ситници и да напредуваме. Времето дефинитивно работи за нас – истакна Червар по дербито со Вардар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.