| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува 28. Саем на книгата, ќе учестуваат над 70 издавачи

Според најавите, саемот ќе го отворат писателите Раде Силјан и Сашо Димоски. Работното време на Саемот е од 10 до 20 часот, цената на влезницата е 30 денари, односно 20 денари за групни посети

Над 70 издавачки куќи ќе учествуваат на 28. Саем на книгата кој официјално ќе биде отворен вечер во 19 часот, во „Метрополис арена“.

За посетителите саемот ќе биде отворен од утре до 18 април. Од Скопски саем очекуваат околу 40.000 посетители на Саемот на книга кој, по Саемот на мебел, е втора саемска манифестација по посетеност во Скопје. Ќе биде понудена литература од домашни и од странски автори, белетристика, научни изданија, книги за деца, учебници. Издавачите ќе организираат и промоции и средби со автори на своите штандови, но и во Промотивниот центар во Метрополис арена во кој за седумте саемски дена се планирани над 30 промоции.

– Саемот на книга е една од најатрактивните саемски манифестации кој традиционално привлекува голем број публика. Околу 40 илјади посетители очекуваме во саемските денови од 12-ти до 18 април. Понудата е интересна и е за сечиј вкус и за сечиј џеб. Изложувачите индивидуално ќе одредат попусти на книгите, кои се движат од 10 до 70 отсто, така што по достапни цени ќе може да се збогати домашната библиотека. Ќе има штандовско претставување на изданијата, многу литературни читања, дружења со автори и промоции, рече на прес-конференција Сања Кондарко, проект-менаџер во Скопски саем.

Покрај домашни, ќе има и издавачи од Србија и Албанија, а Амбасадата на Шведска ќе организира презентација на литература за деца. Дополнителен настан што ќе го организира Скопски саем (на 14 април) е предавањето на хрватскиот писател, социолог и мотивациски говорник Бруно Шимлеша, кој е меѓу десет најчитани хрватски автори на книги од областа на популарната психологија.

Според најавите, саемот ќе го отворат писателите Раде Силјан и Сашо Димоски.

Работното време на Саемот е од 10 до 20 часот, цената на влезницата е 30 денари, односно 20 денари за групни посети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top