| четврток, 6 декември 2018 |

Издавачката куќа „Готен“ со 9 нови книги и двајца гости на Саемот на книга

На претстојниот Меѓународен саем на книгата во Скопје, Издавачката куќа Готен ќе понуди девет нови книги.

За првпат на македонски ќе биде претставена една од најреномираните германски авторки, Терезија Мора, со романот Сеништето, кој ги собра сите најзначајни германски награди. Oд домашните автори ќе го објавиме финалистот на наградата Роман на годината, Берт Стајн, со новото мултижанровско дело, Еден час и триесет минути. Од регионалните автори ги објавуваме Неџад Ибрахимовиќ со Инкапсулирани тела, Срѓан Срдиќ со Сатори и Аријан Лека со Домашна змија, за кое академик Луан Старова напиша вдахновен поговор.

Flaer_100x145mm_Viktor Horvat_preview

Гости на саемот ќе бидат Виктор Хорват од Унгарија и Пјер Џ. Мејлак од Малта, добитници на Европската награда за литература. Нивните наградени дела, Турско огледало на Хорват, кое го преведе Златко Панзов, и Ноќта те разубеди на Пјер Џ. Мејлак,  во превод на Владимир Јанковски ќе бидат промовирани во рамките на саемот.

Освен промоциите, писателите ќе имаат неколку средби со читатели, со студенти, со друштва на пријателство. Централниот настан ќе се одржи во просториите на Инфо-центарот на ЕУ , в петок во 19 и 30 часот со дискусија на тема „Миграции, идентитети, преводи и Европа“, инспирирана и од тековните настани, но и од темите што ги обработуваат делата. Освен Мејлак и Хорват на дискусијата ќе учествуваат и писателката Станка Храстељ од Словенија и проф. Елизабета Шелева.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top