| четврток, 6 декември 2018 |

Гарет: Има доволно време за исполнување на обврските за веродостојни избори на 5 јуни

Остануваат доста обврски и работа да се завршат за претстојните избори, а има уште 60 дена, но јас сум уверен дека доколку сите лица и институциите ја вршат својата работа, можно е да има веродостојни избори кои ќе се одржат на 5 јуни.  Но, сепак на крај се сè сведува на неколку зборови кои се многу важни за Договорот од Пржино – искрените намери, кои сите ги имаат за негова имплементација.

Ова го истакна британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет, одговарајќи на новинарско прашање  пред конференцијата „Професионалното известување на медиумите – предуслов за слободни и фер избори“.

charles-garrett

Герет информира дека минатата есен Британската амбасада ги разгледала областите во кои може да ја поддржи Македонија во рамки на работата на итните реформски приоритети.

– Балансираното, непристрасното и целосното покривање во работата на медиумите е нешто што ние го идентификувавме како приоритет и како цел која е важна за да ја поддржиме Македонија во нашата билатерална соработка, рече Гарет.

Тој изрази задоволство што на конференцијата ќе се зборува за балансираноста и непристрасноста во работата на медиумите.

– Ќе зборуваме за насоките за известување за време на избори кои ги донесе МТВ со наша поддршка и особено ќе бидат важни како документ во претстојниот период кој следи, за тоа како ќе се применат за време на изборите, рече Гарет.

Според него, целосно, балансирано и непристрасно покривање на изборите е нешто што е многу важно за да има веродостојни, фер и праведни избори.

– МТВ укажа дека се посветени да ги применат овие насоки и со нетрпение очекуваме да видиме како ова ќе се спроведе во пракса за време на изборите. Многу е важно за МТВ да ги применува овие насоки зошто е јавен сервис кој се плаќа од парите на граѓаните. Освен работата на МТВ, многу е важно и останатите радиодифузери да ги применуваат овие насоки, бидејќи принципите за балансирано и непристрасно информирање се применуваат за сите зошто сите тие имаат важна улога за време на изборите, рече Гарет.

Тој изрази задоволство што се дел од оваа соработка која, како што рече, е многу важна за нас и е важен дел од подготовката на Македонија за изборите кои следат.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top