
Македонскиот селектор Игор Ангеловски на прес-конференција по дуелот со Словенија им ја честиташе победата на домаќините, но истакна огромна зачуденост поради крајно грубата игра на домашните фудбалери.
Македонија од натпреварот во Копер заминува и со тројца сериозно повредени фудбалери. Тричковски има, според информациите, напукнато ребро, Пандев хематом на глава, а Леонард Жута повреда на десниот зглоб.
– Им честитам на Словенците за победата, но ова некако најмалку личеше на пријателски натпревар поради грубата игра на Словенија. Ете, бевме принудени поради повреди на полувремето да ги извадиме од игра Пандев и Тричковски, што потоа и тоа како ја поремети играта. Тричковски има сериозни проблеми по ударот во реброто, па по лекарската интервенција мораше да замине во болница. Се надеваме дека не се работи за најлошото како што мислиме во моментов. Пандев заработи хематом на глава по удар со лакт, а повреда заработи и Жута. Навистина не го разбирам таквиот начин на игра, се прашувам дали некој пред дуелот ги упатил така да играат – истакна револтирано македонскиот селектор на средбата со медиумите, дополнувајќи дека, во секој случај, сега следи и анализа на натпреварот и насочување на мислите кон дуелот со Бугарија кој го играме на 29. март на „Филип Втори“.
– Ќе направиме анализа на нашите слабости и мислам дека на следниот натпревар ќе бидеме уште подобри, иако не може да не бидам задоволен од играта тука во првото полувреме. Но, по измените поради повредите се сменија некои работи – рече Ангеловски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


