Манастирот „Свето Преображение“ во селото Зрзе се наоѓа на 34 километри северозападно од Прилеп. Се упативме таму бидејќи штотуку заврши целосната реконструкција на манастирскиот комплекс. Се искачуваме на околу 1.000 метри надморска височина, во подножјето на планинскиот масив Даутица, а пред нас се распосла вонвременската убавина и непроценливата вредност на еден од најубавите македонски манастири. Ова е место во кое секој од нас може да ужива во убавините на македонската земја, во мирот и во спокојството на овој манастир кој ја дарува најубавата глетка на Пелагониската Котлина.
За да стигнете до нашите најубави манастири секогаш мора да се помачите. Но, никогаш не откажувајте се, зашто дури кога ќе стигнете горе, по истрпената мака и тешкотија, сфаќате дека имало зошто. Пред вас, како на дланка го гледате целиот крај, а вие се чувствувате како на врвот од светот.Карпата на која е сместен манастирскиот комплекс во 9 век ја населиле монаси кои тука се молеле, самувале, тихувале… Во манастирот Зрзе се издвојуваат седум ката со повеќе од 30 градителски облици: цркви, тихувалишта, ќелии, работилници, јами. Над древната монашка населба на хоризонтално плато, во 14 век монахот Герман подигнал црква што ја посветил на празникот на исихастите, „Свето Преображение Христово“. Подоцна, неговиот син, монахот Харитон, со своето семејство бил ктитор на ферскоживописот, а внуците: митрополитот пелагониски Јован и неговиот брат, зрзескиот јеромонах Макариј, ги изработиле најзначајните дела на Зрзеската иконописна школа: иконата „Христос спасител и жизнодавец“ во 1391 година (Јован) и чудотворната икона „Богородица Пелагонитица“ во 1422 година (Макариј). Овие две икони се најавтентични за нашето поднебје.
Овде ја слушнавме и интересната легенда токму за овие најпознати икони: На иконостасите, иконата на мајката божја ако гледаме кон запад, секогаш треба да ја зазема десната страна или ако гледаме кон нив, левата. Но кога ќе влезете во црквата во Зрзе, иконата на Богородица ја зазема левата страна. Во преданието се вели дека кога игуменот ја поставил иконата на мајката Богородица, забележал дека таа канонското место го менува со местото на спротивната страна каде што била иконата на Христос. Тоа се повторувало три дена. Кога монасите ќе ја врателе на старото место, таа пак се враќала на новото место. На третиот пат, кога игуменот ја прашал иконата зошто го менува местото, тогаш усните на Богородица се помрднале, и таа рекла: „Не сакам да му вртам грб на мојот син, затоа и го менувам канонското место“.
Во годините што доаѓале потоа, братството продолжило непоколебливо да се соочува со сите предизвици. Манастирот Зрзе бил разурнуван, па граден, ограбуван и возобновуван, постојано се издигнувал одново и одново. Во еден таков предизвик загинало овчарче бранејќи го манастирот од злосторници кои сакале да го уништат. На местото на неговото маченичко загинување е насликана фреска со неговиот лик, а обновената северна страна оттогаш кај народот е позната како Овчарска црква. И оваа легенда ни ја раскажаа откако ја видовме необичната фреска со насликаното овчарче во стара македонска носија во црквата „Свети Петар и Павле“. Според легендата, кога дошле арнаутите во манастирот сакајќи да го урнат и да го ограбат, овчарчето им се спротивставило. Тие го заклале и го исекле на парчиња. Во моментот кога го заклале, дувнале силни ветришта, и бидејќи биле дојдени со коњи, коњите се исплашиле, па почнале да бегаат надолу по патот. Арнаутите, за да не одат пеш, тргнале по нив и планот да се урне и да се осквернави црквата, пропаднал. Кога народот и монасите виделе дека на тоа место е пролеана невина крв за да се спаси манастирот, трите страни ги оградиле со sид и бидејќи биле Петрови пости, изградиле црква, посветувајќи ја на свети Петар и Павле. Немале многу пари, па го нацртале само олтарот, но не заборавиле кога ги правеле фреските да го насликаат и овчарчето. Во спомен на тој настан, кога луѓето оделе да палат свеќа во црквата, велеле: „Каде ќе одиме? Ќе одиме во чобанската црква“.
Од 1998 година, со вжителувањето на монашката заедница, манастирот Зрзе се возобновува во општожителен машки манастир, а на почетокот на 21 век, по третпат во својата историја, Зрзе станува епископско седиште, овојпат на епископот Климент Хераклејски.
– Зрзе денеска е дом на седуммина монаси кои живеат и креативно творат дела како легитимни наследници на богатото духовно наследство на овие простори. Токму затоа, во изминатиот период, со голема љубов, енергија и посветеност работевме на проектот за целосна реконструкција на манастирскиот комплекс „Свето Преображение – Зрзе“, кој е еден од највредните примероци на македонското сакрално и духовно наследство – вели министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Внатрешноста на манастирскиот комплекс е прекрасна, уредена, со огромен стар орев на средината и проточна вода со пастрмки, убаво за одмор и за медитација. Во манастирот нè дочекаа љубезно и го понудија своето гостопримство; мирот, спокојот и прекрасниот поглед во бескрајот… Може да останете и да уживате или може да ве прошетаат околу црквата и во неа за да ви ги раскажат необичните приказни (легенди) пренесувани со генерации.
Монасите од Зрзе велат дека луѓето што го посетуваат ова место стануваат сведоци на допирот со непоимливото и со чудесното во себе. Да посакаме доаѓањето во манастирот Зрзе за сите секогаш да биде радост и почеток на уште едно патување низ македонската историја и култура и нејзините непроценливи вредности. Денеска овде е возобновена иконописна работилница во која се продолжува традицијата на зрзеската иконописна школа. Овде се обезбедени сите предуслови за импрегнација и за подготовка на дрвото, позлата, завршна заштита и конзервација на иконите кои денеска грижливо ги цртаат монасите од Зрзе. Покрај иконописот, во функција е возобновувањето на копаничарството во духот на познатата прилепско-слепчанска плитка резба, негувана во 16 и во 17 век во Зрзескиот манастир. Во новата работилница монасите можат успешно да ги изработуваат копаничарските дела, а одделен е и простор за изработка на линорез, каде што се изработуваат и се печатат мотиви од богатото зрзеско наследство.
Пишува: Невена Поповска
(Текст објавен во 184. број на неделникот „Република“, 11.03.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Националната телевизија од Естонија ќе снима репортажа за Македонија
-
Кашкавалот од Лазарополе се продавал дури и во Египет
-
„Македонија: земја на питите, страста и изобилството“: прекрасна странска репортажа за храната
-
Јадранскиот град кој полека умира: Беше иднина на Мусолини, стана жртва на систематско запоставување