| четврток, 6 декември 2018 |

Ракометарите чекор поблиску до Рио, седум туниски репрезентативци пред суспензија?!

tunis

Македонската ракометна репрезентација е чекор поблиску до Олимписките игри во Рио откако беше обелоденето дека седум ракометари од репрезентацијата на Тунис која е наш најголем конкурент во квалификацискиот турнир во Гдањск, ќе бидат суспендирани.
Како што јавува специјализираниот портал “handball.tn”, ИХФ веќе покренал дисциплинска постапка против дел од туниската репрезентација поради тепачката во која учествувале Тунижаните по финалето од последниот Куп на Африкански Нации. Незадоволни од арбитражата на руските судии, туниските ракометари се обиделе физички да се пресметаат со судиите во подтрибинскиот простор, целиот инцидент бил внесен и во официјалниот записник, а изрекувањето на казната се очекува на почетокот од месец март.

tunis

Претставници на Тунискиот Ракометен Сојуз во текот на минатата седмица отпатувале за Швајцарија, каде имале средба со претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа, на која се дискутирало на оваа тема. Меѓу Тунижаните постои песимизам дека би можело да се мине неказнето со оглед на сериозноста на инцидентите, а како што наведува порталот “handball.tn”, суспензија му се заканува на селекторот Силвен Нуе, како и на дури седум туниски репрезентативци. Нивните имиња барем засега се чуваат во тајност, но јасно е дека шансите на оваа селекција за Рио без седум стандардни ракометари би биле сведени на теорија.

Ова дефинитивно е одлична вест за македонскиот национален тим, со оглед на фактот дека токму Тунис важеше за наш главен ривал за второто место во групата, кое би не одвело до толку посакуваните Олимписки Игри. Македонија се среќава со Тунис во вториот натпреварувачки ден од турнирот во Гдањск, дуел на кој победа би требало да значи огромен чекор напред на патот кон Рио.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top