Деновиве НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид го објави најновото дело на охридскиот писател и публицист Мишо Јузмески.
Книгата со наслов „Македонци, А. Ден Долард и други Холанѓани“ е своевидно продолжение на книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“ од 2012 година која меѓувремено беше објавена на англиски и холандски јазик.
Во најновата книга Јузмески повторно се осврнува кон ликот и делото на холандскиот писател и новинар А. ден Долард, најголемиот промотор на Македонија во Холандија во подолг временски период, заслужен за веќе традиционалното холандско-македонско пријателство кое најчесто се остварува преку холандските туристи кои ја посетуваат Македонија уште од средината на минатиот век.
Во поговорот кон книгата „Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“, Холанѓанецот Херард Пулвејк пишува: „Скитникот, новинарот и писателот А. ден Долард своето срце му го имаше подарено на Балканот, пред сѐ на Македонија и посебно на Охрид. Како скитник им се насладуваше на земјата, луѓето, планините, фолклорот. Како новинар беше фасциниран од сложените политички состојби кои македонскиот народ со векови го држеа под власт на околните сили и во своите написи за регионот јасно и остро ја избра страната на експлоатираниот и поробен Македонец. Како писател ги романтизираше односите помеѓу поробувачите и поробените („Ориент Експрес“) и го прикажа развојот на една љубовна приказна во градот Охрид („Свадбата на седумте Цигани“). Мишо Јузмески настапува како фотограф, писател и како туристички амбасадор веќе подолго време, промовирајќи ја својата земја во туѓина, и некаде во деведесеттите години наиде на тој странски писател кој во своето срце ја носеше неговата земја. Благодарение на залагањата на Јузмески, во македонските срца израсна посебен однос со Холандија и Холанѓаните. За таа врска и благодарноста на Македонија кон тој посебен холандски писател станува збор во оваа книга, којашто, се надеваме, ќе си го најде патот до секој оној кој има интерес за оваа земја со нејзината вековна историја и секако уште повеќе до Холанѓаните кои веројатно (повторно) се запознаваат со еден прочуен холандски писател/новинар и голем граѓанин на светот.“
Книгата „Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“ наскоро треба да биде објавена и на холандски јазик, во превод и редакција на Херард Пулвејк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шумската мафија годишно заработува и до 25 милиони евра (видео)
-
Македонците ќе имаат најкраток работен век во Европа
-
Промоција на книгата „Конзерваторско-реставраторски методи и третмани на Охридската збирка икони“од Ангелина Поповска
-
Македонија го започнува процесот на скрининг за преговорите со ЕУ