Селото Говрлево се наоѓа на јужните падини на планината Водно и источно од реката Треска, во долината и сливното подрачје на Маркова Река. Околу него се наоѓаат селата: Света Петка, Соње, Чифлик, Барово и Осинчани. Селото се наоѓа во областа Каршијак. Според податоците на Васил К’нчов од 1900 година, Говрлево имало 280 жители и било напуштено во текот на 60-тите и на 70-тите години на 20 век, како последица на познатите преселби село-град, во кои луѓето ги напуштаа селата во потрага по полесен начин на егзистенција и за вработување во фабриките во Скопје, поради што најголем број жители се иселиле во приградските населби и села Горно Лисиче, Пинтија, Припор и Драчево, така што сосема мал број жители се останати во селото.
Од Скопје кон Говрлево може да се стигне преку Драчево и Марков манастир кон браната Козјак, но и преку Сопиште и Соње.
Говрлево располага со прочуениот археолошки локалитет од пред 5.000-7.000 години пред новата ера. Меѓу поретките пронајдени предмети на локалитетот Говрлево се Голиот Адам, за кој научниците велат дека е археолошки раритет во светот, кој спаѓа меѓу 10 светски најзначајни археолошки наоди и претставува споменик на човештвото и Големата Мајка или божицата Мајката. Овие две фигури се продукција и симбол на плодноста, основата на животот и на човековите основни вредности за сите времиња.
Стигнуваме во селото. „Св. Трифун“ е главната манастирска црква во ова скопско село. Се наоѓа на ридот Брзовец со голема природна убавина и има централно место и видик на целата околина зад Водно. Овде дознаваме дека сегашната црква датира од 17 век, а некои од иконите се дело на Димитар Папрадишки. Покрај оваа црква има уште шест цркви. Во 2006 година Македонската православна црква – Охридска архиепископија решила да го продаде на скопската фирма „Усје“ целиот манастир со сите шест цркви и со земјиште од околу 17.000 квадратни метри, но поради бурни реакции во јавноста продажбата била повлечена.
Според легендата, во римско време се разболела ќерката на римскиот император Гордијан. Добила чудна болест, жива се фрлала в оган и во вода. Царот ги собрал сите лекари, но никој не можел да ѝ помогне. Разочаран се помолил на Господ, кој, пак, преку глас на ќерка му кажал дека неа може да ја излекува само св. Трифун. Го пронашол св. Трифун во Мала Азија, кој дошол кај царот и ја излекувал ќерка му. Царот враќајќи се кон дома поминувал низ Македонија и кога се наоѓал на местото Говрлево, Господ му наредил да направи божји храмови на св. Трифун, св. Троица, св. Петар и Павле, а подоцна и св. Марина. Во манастирите постојат духовни гробови, а крај нив се поставени душеци на кои верниците преспиваат. На неколку метри, пак, под ридот се наоѓаат две лековити води, а на едната од нив од благодарност верниците изградиле црквичка „Свети Кузман и Дамјан“.
Свети Трифун се празнува на 1 (н.ст.14) февруари. Името на светителот доаѓа од грчкиот збор τρυφή што значи мекост, нежност, деликатност. Св. Трифун е ранохристијански маченик, кој денес е почитуван како од православната црква на Исток, така и од Римокатоличката црква на Запад. Основни центри во Византија каде што почнува почитта и култот кон светиот маченик, се Константинопол и Мала Азија. Крстоносците во 1204 година го заземаат Константинопол, така што со нивното влегување градот бил ограбен и опожарен. Покрај многуте бесценети работи, крстоносците ги земаат и моштите на св. Трифун и ги пренесуваат во Рим, па на тој начин неговата слава се раширува и на Запад. Најверојатно уште во 10 век за првпат почнува традицијата св. Трифун да се нарекува покровител на земјоделците и на лозарите. Тој се занимавал со сточарство и одгледувал гуски. Според житието, свети Трифун, уште додека бил мал, имал дар на чудотворство и изгонувал нечисти духови. Една од тие што добиле исцеление, била и ќерката на императорот Гордијан, која била опседната од нечист дух. Откако св. Трифун се помолил на Бога, тој не само што ја ослободил од нечистиот дух, туку и на сите присутни им го покажал демонот, кој се вселил во едно црно куче. Со тоа чудо мнозина поверувале во Христа.
Св. Трифун, исто така, се празнува и на 19 септември, кога Црквата го одбележува споменот на светите маченици Трофим и Доримедон, така празнувањето се случувало во близина на храмот посветен на света Ана во константинополското предградие Девтерон.
Црковното предание, се разбира, остава своја трага и врз иконографската претстава на светителот. Вообичаено, тој е претставен како голобрадо момче, но постојат икони каде што е насликан и со брада, со бујна густа коса, често занемарена, со што се нагласува неговото скромно потекло и фактот дека тој целиот свој живот го поминал во полето. Облечен е во хитон, спуштен речиси до земјата, и со наметка над хитонот, слична на туника.
Според симболите што ги држи во раката, постојат два основни иконографски типа. На почетокот, во постарите иконографски претстави, уште пред да биде објавен за светител -патрон и покровител на лозарите, свети Трифун вообичаено е насликан како држи крст во десната рака, тип на образ карактеристичен за сликањето маченици. Со левата рака крајот на облеката го држи подигнат. Таквиот начин на претставување, карактеристичен за раниот период, продолжува да се користи и понатаму, кога светителот е прогласен за закрилник на лозарите и на градините. Тоа, пред сѐ, зависи од определбата на иконописецот, времето и од местото.
На вториот иконографски тип светителот одново во својата десна рака држи крст, додека во левата имам мал срп. Во средновековието, српот бил основна алатка за обработка на лозјата и на градините.
Понекогаш можат да се сретнат и други поретки иконографски типови, каде што светителот место срп, држи мала кутија со медицински инструменти или лозова гранка прекриена со плодови. Понекогаш гранката може да е заменета со плетен кош.
Пишува: Невена Поповска
(Текст објавен во 180. број на неделникот „Република“, 12.02.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Националната телевизија од Естонија ќе снима репортажа за Македонија
-
Кашкавалот од Лазарополе се продавал дури и во Египет
-
„Македонија: земја на питите, страста и изобилството“: прекрасна странска репортажа за храната
-
Јадранскиот град кој полека умира: Беше иднина на Мусолини, стана жртва на систематско запоставување