| четврток, 6 декември 2018 |

Грчки медиуми: Грција под меѓународен притисок за името

Германија и САД вршат притисок во ОН да се интензивираат преговорите за решавање на името на Македонија, со цел земјата што побрзо да се доближи до ЕУ, откриваат дипломатски извори во Атина.

Аналитичарите коментираат дека ваквото сценарио не е охрабрувачко за Грција затоа што желбите на Берлин и на Вашингтон за пристапување на Скопје во Унијата без да се реши прашањето за името ќе ја доведе Грција во многу тешка позиција, која ова прашање подолго време го користи за постигнување на своите цели, јавува дописникот на МИА од Атина.

Според некои информации, Германците, наводно, сакаат да создадат економски протекторат на Балканот и поради економската зависност на Грција од Берлин, Атина нема да има многу простор за да пружи отпор. На тој начин во Грција сега се создава друга клима во врска со прашањата за отворање на пристапните преговори на Македонија со ЕУ и за уставното име на нашата земја, јави дописникот на МИА од Атина.

Грчките медиуми објавуваат информации кои ги добиваат од неименувани извори во грчкото МНР и во Владата, со намера да изнудат некаква реакција од македонските власти која потоа ќе ја протолкуваат на сопствен начин и ќе обвинуваат за недостиг од волја, некооперативност и неконструктивност од страна на официјално Скопје.

Во последните информации што се објавуваат во Грција, единствен релевантен факт е дека „последниот извештај на еврокомесарот Штефан Филе содржи многу позитивни коментари за соседната земја и се упатува на тоа дека на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ што ќе се одржи на 22 април ќе има некаков развој“.

Во врска со преговорите за името, кои во моментов се најповрзани со процесите во ЕУ, „То Вима“ вчера отворено напиша дека моменталниот баланс е деликатен и секоја грешка може да го врати притисокот врз Атина во време кога Владата смета дека целиот товар за одговорноста за ќор-сокакот ја има пренесено на Скопје.

Извори од Европската комисија, наводно, препорачале трпение за најновиот предлог на Нимиц, и покрај фактот што слични предлози за името претходно Грција ја имаат доведено во непријатна позиција и ги има отфрлено.

– Пролетниот извештај објавен од страна на еврокомесарот за проширување Штефан Филе се претвори во отворен напор Македонија да излезе „чиста“ во однос на исполнувањето на европските критериуми и прашањето за добрососедски односи – пишува денеска „Етнос“.

– Комесарот не ги крие своите пријателски чувства кон Скопје во извештајот за кој в понеделник ќе дискутираат 27-те министри за надворешни работи на ЕУ на Советот за општи работи, констатира напредок во сите прашања во врска со ПЈРМ и се обидува да ја смени сликата со нагласување нов импулс во процесот во кој посредува Нимиц. Извештајот на Филе се очекува да се искористи како средство за притисок врз Грција да ги прифати предлозите на Нимиц, кои отстапуваат од грчките позиции – заклучува весникот.

Весникот обвинува дека Филе долго време организирал начини како да го заобиколи грчкиот став, надевајќи се дека ќе биде во можност да наметне формула, која привремено ќе ја замени референцата ПЈРМ и ќе ја принуди Грција да прифати членство на земјата во НАТО и отворање на пристапните преговори со ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top