| четврток, 6 декември 2018 |

Од вирусот зика е заразен еден Данец

Данските медиуми објавија дека резултатите од анализата покажале дека едно лице во земјата е позитивно на неизлечивиот вирус зика.  Здравствените работници во Архус соопштија дека станува збор за дански државјанин што патувал во Јужна и Централна Америка.

Во Европа досега вирусот се појави во Италија, Шпанија, Велика Британија и Швајцарија.

Светската здравствена организација (СЗО) претходно предупреди дека опасниот вирус зика може да се рашири во многу земји и дека најверојатно ќе дојде до ширење на вирусот во сите држави во Јужна и Северна Америка освен Канада и Чиле.

За овој вирус што се пренесува преку комарци не постои лек, а инфекцијата предизвикува симптоми како што се температура, конјунктивитис и главоболка.

Вирусот е најопасен за бремените жени, бидејќи влијае на плодот, а децата се раѓаат со оштетување на мозокот што може да доведе до смрт.

Научниците овој вирус го поврзуваат со оштетувањето на мозоците на илјадници бебиња во Бразил.

Досега вирусот зика се појави во 23 земји, а министерствата за здравство во одделни земји препорачуваа бременостите, ако е можно, засега да се одложуваат.

Речиси 80 проценти од инфицираните луѓе не знаат дека го носат вирусот сè додека не се појават симптомите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top