| четврток, 6 декември 2018 |

Обрван: Играчите се мотивираа со македонски песни во соблекувалната

obrvan-tajmaut-makedonija-615x400

Македонскиот селектор Ивица Обрван не го криеше олеснувањето по оствареното реми со Србија, кое ја одведе нашата репрезентација во следната фаза од европскиот шампионат. Свесен дека Македонија може да игра и поквалитетно и поубаво за око, Обрван посочи дека нешто послабото ниво вечерва се должи на огромниот влог.

Подеднакво им честитам на двете селекции, можеби и двете заслужија пласман во следниот круг, но за жал се најдоа во вака тешка група. Веднаш се виде дека влогот е огромен, и двете селекции играа во грч. Се најдовме во најтешката група, горд сум на моите ракометари на прикажаната игра во овие три кола и остварениот успех – пласманот во следната фаза. Можам да кажам дека Србија покажа многу, остави силен впечаток и можам да им порачам на луѓето што го водат српскиот ракомет да продолжат по овој пат, бидејќи квалитетот е забележлив. Реално гледано, ова беше премногу напнат натпревар, можеби во завршницата имавме и среќа, но таа ги следи храбрите“ – изјави Обрван.

Селекторот е свесен за грчот што постоеше кај репрезентативците поради стравот од пораз на оваа средба.

Не можав да ви опишам каква беше атмосферата кога пристигнавме во салата. Пред мечот се пушташе македонска музика за кревање на атмосферата, тоа беше случај и на претходните средби, но овојпат на лицата на играчите беше очигледно дека нервозата е преголема. Сепак, одговоривме на предизвикот, го реализиравме последниот напад онака како што посакувавме, не дозволивме противникот да направи фаул, Миркуловски фрли идеален пас до Манасков, а радоста кога топката заврши во мрежата беше огромна“ – истакна кормиларот на македонскиот национален тим.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top