| четврток, 6 декември 2018 |

Обрван ја реши последната недоумица, Даниел Дупјачанец останува во Скопје

dupjacanec

Селекторот на макеоднската репрезентација, Ивица Обрван по вечерашниот последен тренинг пред утрешното заминување за Гдањск го соопшти конечниот список на ракометари што ќе се борат за пласман на Олимписките игри во Рио. Во последната селекција од составот отпадна голманот на Металург, Даниел Дупјачанец. На голот на македонската репрезентација за олимписките квалификации остануваат Борко Ристовски и Никола Митревски.

– Во Гдањск ќе патуваме со 18 играчи. Од составот што беше на подготовките во Скопје останува голманот Даниел Дупјачанец – соопшти по тренингот селекторот Обрван.

Дупјачанец беше во составот на македонската репрезентација на ЕП во Полска во јануари. Но, во изминативе неколку месеци, голманот на Металург имаше само неколку натпревари и тоа само во македонското првенство. За разлика од него, Митревски со своите извонредни настапи на голот на Бенфика во Португалија, сериозно се наметна и си го заслужи местото во репрезентативниот состав во тандем со Борко Ристовски.

Претходно од првично повиканите 20 ракометари, отпадна Филип Лазаров кој се уште е во фаза на рехабилитација по повредата на палецот и не може да игра за македонската репрезентација на овие олимписки квалификации.

Како што беше најавени во репрезентативниот состав што ќе се бори за пласман на Олимписките игри во Рио, селекторот Обрван им дае доверба на двајцата млади репрезентативци, Филип Кузмановски и Филип Талески за кого ова ќе биде деби во сениорскиот тим на едно големо натпреварување.

Ракометарите утре наутро заминуваат за Полска. Првиот натпревар на квалификацискиот олимписки турнир во Гдањск го играат во петок (20.30 ч.) против Полска. В сабота е дуелот со Тунис (18.00), а на последниот меч, в недела (18.00) ќе играме против Чиле. Првите две репрезентации во групата обезбедуваат пласман на ОИ во Рио.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top