| четврток, 6 декември 2018 |

Комити го поздравија Јохан, Пелистер го „поздрави“ Вардар со голот на Елмазовски

Пелистер го изненади Вардар во вечното македонско фудбалско дерби и славеше вредна победа над шампионот со 1-0 на „Филип втори“ арената во Скопје. Илир Елмазовски со прецизен удар од белата точка му донесе големи три бода на тимот од Битола, а Вардар само ја продлабочи кризата. Мечот почна славенички за домаќините. Навивачката група „Комити“ му посака добредојде на стадионот на Јохан Тарчуловски, а Управата на Вардар му подари дрес од клубот.

Се останато беше за заборав за „црвено-црните“ и за славје на гостите од Битола. Вардар беше блед, одигра многу слабо, а токму навивачите со скандирање „Џиџи оди си“, покажаа што треба да биде следниот чекор на раководството на најтрофејниот клуб. Тренерот Никола Илиевски Џиџи беше на мета, сосема заслужено, а се чини дека му се одброени деновите на клупата на Вардар. Ако утре Металург ја победи Дрита, а и Турново слави против Силекс, што би биле сосема очекувани резултати, „црвено-црните“ би паднале од врвот на табелата на третата позиција. Откако зимоска Илиевски го презеде кормилото од Боби Милевски, игрите и резултатите се далеку под очекуваното ниво.

Во преостанатите два натпревари денеска Шкендија и Ренова ремизираа, 1-1, а без голови во Кичево одиграа, Напредок и Тетекс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top