| четврток, 6 декември 2018 |

Камиони од фундусот на „Вардар филм“ беа користени во снимањето на филмот „Златна петорка“

Филмскиот центар „Вардар филм – Македонија“, како наследник на брендот „Вардар филм“, во својот фундус поседува камиони кои се изнајмуваат за потребите на филмските продукции. Продукцијата „Револушн“-Скопје, за потребите во текот на снимањето на филмот „Златна петорка“, изнајми три камиони. Режисерот Горан Тренчовски објасни дека камионите се користени со повеќе намени.

– Со сценографот Кирил Спасески сакавме веродостојно да ја доловиме епохата (50-тите години од 20. век) низ појавување на движечки или паркирани моторизирани возила, меѓу кои и неколку оригинални камиони. Тогаш во градовите имало само по неколку такви, а со нив располагале или Општината, или ЈНА, или УДБА. Сличен бил и случајот во Струмица, кадешто се случува најголемиот тек од дејствието во филмот „Златна петорка“. Приказната драматуршки наложуваше петтемина струмички студенти (едни од клучните протагонисти) во еден момент да се појават качени токму во камион, возени во непознат правец… За камионите имавме ангажирано стручни лица кои управуваа со возилата во текот на снимањата. Со оглед на тоа што филмот „Златна петорка“ е современа и универзална интроспекција на фикционални секвенци од поблиското и подзаборавено минато, низ режиските постапки внимавав да се воспостави баланс помеѓу сегашните и некогашните знаци на филмичност. Верувам дека во тоа успеавме! – објасни режисерот Горан Тренчовски.

Во режија на Тренчовски, играниот филм „Златна петорка“ се снимаше во продукција на „Револушн“ – Скопје, копродуценти се Македонската телевизија и „Арт-попкорн“ од Белград, а помагатели на проектот се општините Струмица, Босилово и Василево. Директор на фотографија е Апостол Трпески. Сценограф во филмот е Кирил Спасески.

Фотографии: Александар Прошев

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top