Македонски филмски класици може да се гледаат во видоетката на „Макс ТВ“. Националната установа Филмски центар „Вардар филм – Македонија“ – Скопје склучи договор за соработка со Македонски Телеком АД – Скопје, за прикажување на македонски филмски класици во Видеотеката на „Макс ТВ“, по барање од страна на корисниците на услугата на „Макс ТВ“ на МКТ на територијата на Република Македонија, информираат од „Вардар филм – Македонија“.
Со првиот пакет филмови во видеотеката на „Макс ТВ“ се поставени 15 македонски филмови, и тоа: „Хај – Фај“ во режија на Владимир Блажевски (продукција во 1987); „Три Ани“ на Бранко Бауер (1959); „Среќна Нова ’49“ на Столе Попов (1986); „Планината на гневот“ на Љубиша Георгиевски (1968); „Тетовирање“ на Столе Попов (1991); „Австралија, Австралија“ на Столе Попов (1976); „Дае“ на Столе Попов (1979); „До победата и по неа“ на Жика Митровиќ (1966); „Мис Стон“ на Жика Митровиќ (1958); „Под исто небо“ на Миомир Стаменковиќ и Љубиша Георгиевски (1964); „Солунските атентатори“ на Жика Митровиќ (1961); „Републиката во пламен“ на Љубиша Георгиевски (1969); „Црно семе“ на Кирил Ценевски (1971); „Црвениот коњ“ на Столе Попов (1981); и „Цената на градот“ на Љубиша Георгиевски (1970).
Аудиовизуелните дела продуцирани од страна на Филмскиот центар „Вардар филм“ се достапни за корисниците на услугата „Макс ТВ“ на Македонски Телеком АД – Скопје од 20 ноември 2015 година.
Пакетот ќе се дополнува со дела од ризницата на Филмскиот центар Вардар филм – Македонија, со што оваа национална установа, покрај својата основна дејност на обезбедување техничка поддршка за филмските продукции, интензивно и посветено работи и на промовирањето на македонската филмска уметност, велат од Вардар филм Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.