| четврток, 6 декември 2018 |

Футсалците на чекор од баражот за СП, потребна е победа над Молдавија

makedonija futsal

Македонската футсал репрезентација во второто коло од квалификациите кои се играат во Бари, Италија оствари значајна победа над конкурентот за второто место во групата, Словачка од 2-1. Македонските репрезентативци со тоа остануваат во трката за второто место кое води во бараж дуелите за СП следната година.
Избраниците на селекторот Васко Скендеровски по високиот пораз во првото коло од 6-1 против фаворитот Италија, одиграа маестрален натпревар против Словачка и покрај негативата од 0-1 на почетокот од вториот дел смогнаа сили и направија комплетен пресврт со головите на Адријан Мицевски во 32.минута и една минута подоцна преку Игор Леовски што на крајот се покажа и како конечен резултат на овој меч.
Со тоа во последното коло со евентуална победа над Молдавија може да се најдева на второто место во групата кое води во бараж средбите, бидејќи Словачка треба да игра со фаворитот Италија.

vasko skenderovski

Селекторот Скендеровски задоволен од триумфот, посакува со ангажирана игра да се стигне и до победа против Молдавија и неговата репрезентација да стигне до бараж дуелот.
Сепак напоменува дека сеуште не е ништо завршено, и репрезентативците не треба да ги фати еуфорија.

– Конечно успеавме да славиме во голем натпревар. Победата значи дека влегуваме во кругот на големите селекции, во спротивно ќе останевме во некоја средина со репрезентациите кои секогаш за малку не успеваат да направат решавачки чекор. Игравме против силен противник, Словачка е репрезентација која има многу поголемо искуство од нас во вакви психолошки тешки натпревари. Овој триумф го посветувам на нашите играчи пред се, храбро играа и покажаа дека можат да бидат вистински спортски херои, како и на сите генерации на футсал репрезентативци кои претходно беа дел од националната селекција. Голема благодарност кон сите што ни даваа поддршка во изминатиот период и кои цврсто веруваа дека Македонија може да биде дел од елитата на европскиот футсал – изјави Скендеровски.

– Сега не смееме да бидеме во еуфорија, ова е голем, но само еден чекор кон остварување на крајната цел, а тоа е пласман во баражот за СП 2016 година. Утре не очекува уште еден важен натпревар против Молдавија, нималку наивна репрезентација, пресметка во која треба да ги потврдиме нашите вистински вредности и со победа да ставиме печат на квалификациите“ – потенцираше Васко Скендеровски.

Македонија третиот меч од групата во Бари го игра утре во 15.30 часот, а за противник ќе ја има Молдавија, селекција што претрпе порази во претходните две кола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top