По неколкугодишна пауза, од 8 до 13 декември годинава, Република Македонија со свој штанд ќе учествува на Меѓународниот саем на книгата во Софија, Република Бугарија.
Претставувањето на Република Македонија на оваа саемска манифестација, со финансиска поддршка на Министерството за култура, ќе го организира Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“. На саемот во Софија ќе бидат претставени современата книжевна продукција, културната историја и културното наследство на Република Македонија, преку избрана продукција на белетристички, монографски, научни и репрезентативни изданија, со разновиден рекламен материјал и со видео презентација. На македонскиот штанд, активностите ќе бидат насочени кон промоција на современите македонски автори со претставување на актуелните книжевни остварувања во македонската литература и претставување на најновите преводи од македонски на бугарски јазик кои се реализирани преку Конкурсот за финансирање на преводи на странски издавачи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици. Благодарение на тој конкурс, годинава беше значително зголемен интересот на бугарските издавачи за превод на дела од македонски автори, а со тоа е интензивирано и објавувањето на преводи. На 43 Меѓународен саем на книгата во Софија, ќе бидат присутни и тројца автори, чии дела неодамна беа објавени на бугарски јазик: Киро Донев, Владимир Плавевски и Фросина Пармаковска.
На првиот ден на саемот, кој се совпаѓа со државниот празник „Свети Климент Охридски“, ќе се одржи првата од двете превидени промотивни активности, на која ќе бидат претставени преводите на македонски дела што ги објавија издавачките куќи од Софија „Персеј“ и „Изида“, кои само годинава потпишаа 14 договори со македонски автори за превод на нивни дела. Инаку, во чест на празникот, гостин на штандот ќе биде НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Битола, која ќе се претстави со своја пригодна изложба на книги.
Вториот термин за промоција на дела од македонски автори преведени на бугарски јазик е предвиден за 9 декември.
Освен на промоциите, македонските писатели кои ќе учествуваат на саемот во Софија ќе учествуваат и во промотивните активности и средбите со читателите на штандовите на нивните издавачи.
Во претставувањето на РМ на Саемот во Софија, покрај друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“, ќе биде вклучен и КИЦ на Република Македонија во Софија, со што несомнено ќе се овозможи побогата промоција на македонската литература и култура.
Покрај промоција на творештвото на реномираните автори од Република Македонија, ќе биде промовиран и Конкурсот за финансирање на преводи на странски издавачи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици, кој го спроведува Министерството за култура заради поттикнување на творештвото, афирмацијата авторите и промоција на културата на Република Македонија во странство.
Инаку, на 43 Меѓународен саем на книгата во Софија, кој традиционално се одржува во грандиозниот Национален дворец на културата, ќе учествуваат околу 200 излагачи во простор на четири ката, а во меѓукатот посветен за странските излагачи ќе бидат претставени десетина земји. Организаторот – Асоцијацијата „Бугарска книга“, последниве години посебно внимание посветува на меѓународниот дел на саемот, така што истовремено со одржувањето на саемот го организира и Софискиот меѓународен литературен фестивал, кој годинава ќе се одржи по третпат, а во фокусот ќе биде Иберискиот Полуостров, со учество на повеќе писатели и издавачи од Шпанија и од Португалија. Овој меѓународен фестивал се смета за најголемиот книжевен настан во Република Бугарија. За време на шесте дена на саемот и на фестивалот, ќе се одржат околу осумдесет разновидни активности: средби, тематски трибини, разговори со писатели, промоции… на штандовите и на повеќе сценски простори во НДК. Се очекува саемот да биде солидно посетен не само поради богатата понуда на книги и настани, туку и поради слободниот влез за посетителите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.