Во Скопје, во рамките на претстојниот Саем на книгата, ќе гостува еден од најпознатите шведски писатели за деца, Улф Старк. Утре во галеријата на „Метрополис арена“ во 11 часот, Старк ќе одржи предавање за неговите книги, но ќе зборува и за други шведски детски писатели, како што се Астрид Линдгрен, Селма Лагерлеф, Елза Бесков.
Улф Старк има добиено многубројни домашни и меѓународни награди и зад себе има повеќе од педесет книги за деца кои се преведени на повеќе од триесет јазици. Старк има напишано и голем број сценерија за детски долгометражни филмови.
– Почнав да пишувам кога станав тинејџер. Кога бев во пубертет, сѐ стана различно. Често тинејџерските години се опишани како пекол од пијанство, несигурност и несреќна љубов. За мене, тоа беше период на интелектуално созревање. Ноќе читав класици, поезија, филозофија и новели. Го преспивав патот кон училиштето. Научив многу. Ја напишав мојата прва книга кога имав 19 години, збирка поезии наречена „Отворање на животот“. Продолжив со неколку други книги за возрасни. Потоа, не знаев што да пишувам. Ми беа потребни пари. Станав бирократ. Но, сѐ уште копнеев за тие фантастични светови. Потоа, во 1984 година напишав книга со наслов „Глупости и лажги“, исполнета со радоста која доаѓа со пишувањето, инспирирана од објавата на конкурсот за најдобра книга за деца и младинци. Мојата книга победи на натпреварот и во тоа време од неа направија телевизиска серија, што ми овозможи постепено да завршам со бирократската работа и целосно да го посветам моето време на пишување. Оттогаш, следуваа голем број книги. Сликовници како „Јагуарот“, „Можеш ли да свирнеш Јохана“, „Кога татко ми, ми ја покажа вселената“, „Ѕвездата наречена Ајакс“, и последните „Здраво ти таму! Или што треба да знае нероденото дете“ или читанки како „Дозволете им на поларните мечиња да танцуваат“, „Волшебните гумени чевли на мојот пријател Перси“, „Мојот пријател шеик во Стуреби“ и „Мојот пријател Перси, Бафало Бил и јас“ – ќе каже Старк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.