На 21 октомври во 20 часот во Театарот за деца и младинци (ТДМ) е закажана премиерата на претставата „Животинска фарма“ во режија на Александра Кардалевска, според истоимениот роман на Џорџ Орвел, а по драматизација на Гај Мастерсон.
Во претставата играат: Ненад Митевски, Мики Анчевски, Бојан Кирковски, Владимир Лазовски, Симона Спировска, Емра Куртишова, Наташа Петровиќ, Марија Ѓорѓијовска, Изабела Новотни, Предраг Павловски, Катарина Илиевска Силјановска и Мартин Јорданоски. Драматург на претставата е Драгана Лукан Николоски. Сценографија е Никола Кунгуловски. Костимографија е Маја Димовска, а музиката е на „Бернејс пропаганда“.
Оваа претстава зборува за вечната тема, како се распаѓаат системите што се изградени и зачнати со чисти идеи, за моќта и опиеноста од истата, за манипилациите и измамите и за тоа како револуциите на крајот ги јадат сопствените деца.
Орвел на саркастичен начин дава совршено прецизна слика за системите што циклично се менуваат низ историјата и секогаш го имаат истиот тек и секогаш завршуваат на истиот начин, дали очигледно или скриено под илуизиите за среќно општество во кое сите се среќни и задоволни со тоа малку што системот им дозволува да го имаат. Самата идеја да се прикаже трулежот во човечкото општество низ призмата на животните од една фарма кои што решаваат да се ослободат од човечкото ропство, изобилува со драмски потенцјал и ветува дека на еден суптилен начин ќе ја соочи публиката со она кое што всушност преставува дел од нејзиното секојдневие, без разлика на тоа каде и во кое време тоа се случува.
Кардалевска низ суптилни знаци, во една модерна и современа атмосфера, ѝ покажува на публиката дека сите ние живееме во една глобална фарма и колку и да веруваме во тоа дека можеме да ги согледаме манипулациите со кои што системот се обидува да не замајува, многу често потпаѓаме под влианието на она кое што е наше секојдневие и запаѓаме во општата летаргија на ништо не правеењето и стравот од тоа дека можеби би можело да биде и полошо, нејчесто заборавајќи дека сепак ако нешто направиме, исто толку би можело да биде и подобро.
Оваа претстава е наменета за онаа публика што во својата најрана фаза, за првпат во животот се судира со системот. Во тоа време кога општата бунтовност се буди во младите карактери, кои што во тој момент се формираат и се гладни за знаење и за информации, неопходно е постоењето на една ваква претстава, која обработува едно од најважните дела ва историјата на литературата и истовремено зборува за еден општ проблем, кој веќе почнува да ги засега.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.