| четврток, 6 декември 2018 |

Украина лета високо со крилата Јармоленко и Конопљанка

jarmo

Македонските репрезентативци вечерва ќе имаат познат противник во Украина и што е најинтересно ривал со мошне јасни адути во квалификацискиот дуел на „Филип втори“ арената. Веќе подолг период Украина ја базира играта на двете одлични крила, Андриј Јармоленко од Динамо Киев и Јевгениј Конопљанка, од летоска член на Севилја.

Така беше и на првиот меч во Лвов, кога имавме многу проблеми на бочните позиции, а веројатно така ќе биде и вечерва во Скопје. Ако се најде чаре за Јармоленко и Конопљанка, тоа е добар рецепт за успех. Кога тие се во форма и играат добро, тогаш Украина е незгоден ривал и за најсилните селекции на планетата.

Тие доаѓаат во Скопје по победа. Но, и на првата меѓусебна средба во Лвов видовме дека можеме сосема рамноправно да се надигруваме со нив. Ако ги затвориме Јармоленко и Конопљанка шансите за успех ни се навистина големи. Силно посакуваме со позитивен резултат да им се оддолжиме на навивачите на последниот квалификациски натпревар на домашен терен. Иако знаеме дека противник ни е една силна и мошне незгодна селекција со играчи од одлични клубови“, вели Ванче Шиков. Тој играше во украинското првенство за Волин и одлично ги познава репрезентативците на Украина.

Украинските клубови се суперквалитетни, Шахтар и Динамо Киев се редовни учесници во Лигата на шампионите, лани Днипро играше финале во Европа Лигата, што доволно говори за квалитетот на играчите кои вечер од 20,45 часот ќе истрчаат на нашата национална арена.

Сепак кај гостите и премногу работи зависат од играта на Јармоленко и Конопљанка, што може да биде и предност за избраниците на Љубинко Друловиќ. Тие се играчи што умешно си ја користат брзината и беспрекорната техника, но ако се сопрат, играта на Украина е прочитана и тешко доаѓаат до успех. Гостите патем имаат императив да победат за да се обидат да обезбедат директен пласман на ЕП во Франција. Кај нас мотивот е поинаков. Со успех да се поправи лошиот биланс од само три бода во овој квалификациски циклус и да се создаде барем малку подобра атмосфера пред стартот на квалификациите за СП 2018 година во Русија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top