Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми беше позитивен на првичната допинг-контрола по натпреварот од Лигата на шампионите на Динамо против Арсенал во Загреб.
Тој веднаш ја напушти нашата репрезентација од подготовките за настап со Украина на арената „Филип Втори“ што се игра вечерва.
Хрватските медиуми пренесуваат податок дека Адеми се лечел од повредата надвор од контролата на лекарскиот тим на Динамо Загреб и дека во тој период тој бил на подготовки со македонската репрезентација каде нашите лекари му дале дополнителни супстанци.
Весникот „Спортске новости“ повикувајќи се на извори од раководството на Динамо тврди дека Адеми инсистирал да му биде земен Б примерок и дека неговата совест е чиста, односно доколку земал недозволена супстанца тоа било случајно или како резултат на несовесно лекување.
Ваквите аргументи тешко дека ќе му помогнат на одличниот играч за врска доколку и Б примерокот биде позитивен, но во Динамо тврдат дека тие воопшто немаат вина за целиот случај. Заедно со Адеми по мечот со Арсенал тестиран бил и голманот Пинто, но неговите резултати биле негативни, што било пресудно за УЕФА да не го казни посериозно Динамо за целиот случај.
Во таборот на хрватскиот шампион не смеат да го коментираат овој случај се додека не пристигнат и резултатите од Б-тестирањето. Тие тврдат дека Адеми не бил под нивни надзор во поголем дел од деновите во пресрет на мечот со Арсенал, а како можна варијанта се споменува и дека вината е кај нашата репрезентација, каде беа извршени одредени прегледи врз Адеми, по што сепак беше решено дека тој нема да може да настапи на дуелите со Луксембург и со Шпанија.
„Спортске новости“ тврди дека Адеми исто така се лечел и на приватен лекар во Сплит, се со цел да биде оспособен за настап против Арсенал, но се чини дека токму тоа инсистирање скапо ќе го чини Македонецот, кого го очекува суспензија од максимум две години во случај и Б примерокот да биде позитивен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.