Македонската кошаркарска репрезентација успешно ги продолжува подготовките за претквалификациите за СП што започнуваат на 2. август.
Нашата репрезентација со победа стартуваше на традиционалниот „Трофеј на Македонија“ и во првото коло беше совладана селекцијата на Португалија со 52-47.
Избраниците на селекторот Јорданчо Давитков во грч го започнаа мечот, но како одминуваше времето проработи и тимската игра во нападот, па стручниот штаб одлучи сите 12 кошаркари кои ги имаше на располагање да ги внесе во игра. Во овој натпревар недостасуваа Џордан Теодор кој се жали на мала повреда на бутниот мускул и центарот Бојан Крстевски.
Ако во првото полувреме двете репрезентации знаеја да погодат од повеќе позиции, клучот за победа на нашата селекција се чини беше третиот период, кога
о серија од 10-2 по пет минути игра во вториот дел, Македонија за прв пат водеше со двоцифрен број на поени (39-29). Дисциплината во нашата одбрана ги тераше противниците максимално да го трошат времето при нападите, кои за наша среќа повеќето од нив не завршуваа со реализација. За само десет минути Португалија успеа да постигне само четири поени, статистика која ја отсликува беспрекорната одбрана на Македонија.
Ритамот од третата четвртина во пренесоа во завршните минути, па со нова серија од 9-0, нашите кошаркари стигнаа до највисоката предност од плус 17 поени (48-31). На шест минути до крајот Португалците се обидуваа да се вратат резултатски и евентуално да изненадат. Падот во концентрацијата во нашите редови им овозможи на гостите да се приближат, но избраниците на Јорданчо Давитков заслужено го добија овој меч со 52-47.
Чековски беше најефикасен со 14 поени, Војдан Стојановски постигна 10, а Костоски имаше осум поени. Голем проблем во нашата игра беа загубените топки, дури 22, нешто на што ќе мора да се поработи во следниот период.
Нашите кошаркарите утре во рамките од второто коло се среќаваат со Холандија, која денеска загуби од селекцијата на БиХ со 102-96.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.