Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми го очекува подолга пауза од фудбалските терени откако беше обелоденето дека фудбалерот и капитен на Динамо Загреб бил позитивен на допинг-тестот по натпреварот од Лигата на шампионите против Арсенал. Македонскиот репрезентативец беше дел од тимот што приреди големо изненадување со победата над „топчиите“, но сега сето тоа паѓа во втор план откако Адеми не успеал да го мине допинг-тестот.
Адеми кој дојде во Скопје на подготовки со националниот состав за квалификациските натпревари против Украина в петок во Скопје и против Белорусија на гостински терен, веднаш го напуштил таборот на репрезентацијата и се вратил во Загреб откако ги дознал првичните резултати.
– Запознаени сме со резултатите од допинг-контролата по мечот со Арсенал и дека нашиот фудбалер Аријан Адеми бил позитивен на тој тест, то ест дека УЕФА покрена постапка против него. Според правилата, Динамо не смее да коментира додека трае дисциплинскаста постапка и додека не бидат готови резултатите од Б примерокот. Сакаме да истакнеме дека Аријан Адеми во последната година шест пати бил тестиран и секогаш бил негативен. Исто така, сите наши фудбалери од почетокот на сезонава во неколку наврати минаа допинг-тестови и сите резултати беа негативни“ – се вели во соопштението на веб-страницата на Динамо Загреб.
Информацијата вечерва беше потврдена и од страна на Фудбалската Федерација на Македонија, а јасно е дека по ваквиот развој на настаните Адеми ќе ги пропушти најмалку двата следни натпревари на нашата репрезентација, против Украина и Белорусија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


