| четврток, 6 декември 2018 |

Трајковски има рецепт за победа: Да ги скротиме крилата на Украина

aleksandar-trajkovski-sajt

Александар Трајковски е еден од адутите на Македонија за подвиг против силната репрезентација на Украина во претпоследниот квалификациски меч за нас, што ќе се игра во петок на „Филип втори“ арената во Скопје од 20,45 часот. Офанзивецот на Палермо истакнува дека рецепт за успех е да се „скратат“ крилата на украинската селекција, а посакува максимално залагање од сите македонски репрезентативци во обид да се поправи бледиот впечаток во овој квалификациски циклус.

„Најопасни се по бочните позиции. Треба да ги сопреме Конопљанка и Јармоленко да не пробиваат по страничните позиции. Имавме доста проблеми со нив на првиот меч и ако сега ги сопреме ќе бидеме блиску до успех. Шанса за нас е и императивот на Украина да победи за да остане во игра за пласман на ЕП. Но, мора да бидеме искрени и да кажеме дека се одлична селекција со искусни играчи кои постојано играат одлично на евросцената. И клубовите како Шахтар, Динамо, Днипро…. постојано бележат забележителни резултати во европските купови што доволно говори за квалитетот на гостите. Ни треба победа за да ја вратиме довербата на нашите навивачи, а посакувам максимална борбеност до последниот атом за да покажеме дека можеме да им се спротивставиме и на најдобрите репрезентации во Европа“, вели Трајковски.

Македонија има само 3 бода од 8 натпревари и со евентуален успех против Украина во петок и со Белорусија на 12. октомври на гости може да се надева на избегнување на фенерот во Ц групата за пласман на ЕП 2016. На Украина и одговара само триумф за да остане кандидат за настап на шампионатот во Франција.

 Фото: Ѓорги Личовски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top