| четврток, 6 декември 2018 |

„Катимерини“: Американски планови за Македонија

­ Инсистирањето на САД да ја покани Македонија на меѓународни средби под нејзиното уставно име, како што се случи минатата недела, и пречи на грчката дипломатија, но во суштина, сепак, е показател за долгодишната политика на САД, пишува грчкиот весник „Катимерини“ повикувајќи се на „доверливи документи“.

katimer

 

Врз американската политика за Македонија во голема мера влијае помошникот државен секретар, Викторија Нуланд, „со дозвола или толеранција“ на Белата куќа и на Стејт департментот, нагласува весникот.

Според два доверливи документи до кои дошол „Катимерини“, испратени на различни денови до грчките амбасадори во Вашингтон и Скопје, Панајопулос и Лалакос, наводно САД иницирале и вршеле притисок да се реши отвореното прашање за името.

„Најважно, а можеби и највознемирувачко, е тоа што САД ја оставаат отворена можноста да ја поканат ПЈРМ да се приклучи кон НАТО, без тоа да се случи на самит, како што е наведено во телеграмата до грчкиот амбасадор во Вашингтон, што најверојатно ќе предизвика интензивна затегнатост во односите со Грција и ќе ја принуди Атина да стави вето“, пишува грчкиот весник.

“Катимерини“ наведува дека тоа што Македонија беше поканета под уставното име да учествува на меѓународниот состанок организиран од страна на Џон Кери, на кој учествуваа земјите­членки на сојузот против „Исламската држава“, неколку дена бил главна тема во грчката дипломатија, која правела напори Македонија да се покани под привремената референца.

Сепак, нагласува весникот, Атина се соочи со одбивањето на Вашингтон, а како што соопштија дипломатски извори, главна улога во тоа повторно имала Нуланд. Според „Катимерини“, грчкиот амбасадор во Македонија, за посетата на Нуланд на Скопје на 13 јули, испратил телеграма до Атина во која вели: „Клучни пораки што ги испраќа Нуланд се дека дојде време да се стави крај на политичката криза. Европа и НАТО чекаат на вас, затоа не губете можности и спроведете ги реформите предложени од страна на ЕУ, со наша поддршка и по процедурата, ние ќе се справиме и со решавање на прашањето за името“.

„Навистина, Нуланд постави три приоритети за напредокот на Македонија: донесување договор меѓу партиите за повторно функционирање на Парламентот (постигнат), спроведувањето на реформите (се движат со тежина), а веднаш потоа, решавање на прашањето за името … Од тогаш, ништо не се промени и, како што стана јасно од дипломатскиот инцидент во Њујорк, работите се чини дека одат според американскиот план, кој е и европски, и од страна на ЕУ овој проект го поддржува Германија, преку комесарот Јоханес Хан“, пишува весникот.

„Катимерини“ тврди дека малку порано, на 26 јуни, грчкиот амбасадор во Вашингтон бил на состанок во Стејт департмент за НАТО, на кој дискусијата била фокусирана на самитот на Алијансата што ќе се одржи на пролет. Американските функционери, наводно, избегнувале експлицитно да го уверат грчкиот дипломат дека на самитот ќе биде покренато и прашањето за покана на Македонија, и нагласувале дека „нема да има изненадувања, но не исклучуваат неочекувани ситуации“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top