Љубинко Друловиќ ќе ја засили конкуренцијата во најдобрата селекција со приклучување во тимот на напаѓачот на Интер, Запрешиќ, Илија Несторовски и фудбалерот од средниот ред на ОФК Београд, Остоја Стјепановиќ.
Нестороски игра во добра форма во хрватскиот шампионат каде во моментов е осамен на чело на листата на најдобрите стрелци и со голови се наметна и го заслужи повикот да биде во конкуренција за двата последни квалификациски дуели со Украина и со Белорусија.
„Илија Несторовски заслужува шанса да се бори за место во репрезентативниот тим по добрите игри во Хрватска. Подготовките започнуваат денеска, се надевам дека од почеток максимално сериозно ќе ја сфатиме задачата и важноста на дуелите и ќе останеме здрави и без проблеми за натпреварите против Украина и Белорусија. Никола Глигоров има повреда, сѐ уште не е дефинитивно дали тоа ќе го спречи да ни помогне во подготовките и на натпреварите, но многу веројатно е дека нема да може максимално да се стави на располагање на тимот. Затоа одлучивме да го повикаме Остоја Стјепановиќ како една квалитетна алтернатива на таа позиција “ – информира селекторот Друловиќ.
Со Украина играме во Скопје на 9. октомври, а со Белорусија ќе гостуваме три дена подоцна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.