Селекторот на репрезентацијата на Македонија до 21 година, Благоја Милевски, го соопшти списокот на фудбалери за квалификацискиот натпревар против Северна Ирска на 13 октомври на гостински терен. По триумфот над Украина во Скопје, се бара победнички рецепт и за борбените Ирци.
Најголемо засилување за нашите надежи е враќањето на Давид Бабунски во составот. Играчот на Барселона Б не настапи на првиот квалификациски меч со Украина во Скопје, кога победивме со 1-0.
„Стилот на игра и рецептот за успех останува ист, иако има одредени промени во селекцијата. Северна Ирска е сериозна селекција која игра агресивен фудбал и многу мотивирано на секој меч, посебно на домашен терен. Групата во која се наоѓаме е со релативно израмнети селекции, секој може да победи секого, и патникот за Европското првенство нема да се знае до последен момент. Собирот е закажан за 7 октомври, на списокот е и Давид Бабунски, и се надевам дека сите сфаќаат што значи да се носи државниот дрес“.
Во тимот на Милевски за првпат е повикан офанзивниот фудбалер на Брегалница, Стефан Мишев, а повратници во репрезентацијата покрај Бабунски се и Тихомир Костадинов, Алекса Амановиќ и Бесмир Бојку. Поради повреда го нема голманот на Арсенал Дени Илиев, а Доријан Бабунски, Филип Пивковски и Христијан Денковски, моментно се без клуб и не добија повик од Милевски. Дарко Велковски има црвен картон и нема право на настап.
Мечот ќе се игра на 13 октомври во Лорген, на стадион на кој како домаќин натпреварите ги игра прволигашот Гленавон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.