Напаѓачот на Легија Варшава Иван Тричковски ќе има кам-бек во националната репрезентација по година и пол пауза за последните два квалификациски дуели на Македонија против Украина и Белорусија. Со него освежување во репрезентацијата треба да донесат и Арменд Алими од Шкендија, Мите Цикарски од Работнички и Давид Митов Нилсон голманот на Норчепинг.
– Има неколку освежувања и повик добија фудбалери кои со своите игри заслужија да бидат во комбинација за настап против Украина и Белорусија. Жал ми е што нема да имаме и неколку играчи од младата репрезентација, но во моментов приоритет е да играат за селекцијата до 21 година. Тричковски е квалитетен фудбалер и значајно е што ќе го имаме во репрезентацијата. Се врати да игра во Европа, во Легија и сигурен сум дека може да ни помогне во тоа што најмногу ни недостасува, да бидеме поефикасни – рече на денешната прес-конференција Друловиќ.
Деби повик има и за голманот на шведски Норчепинг, Давид Митов Нилсон. Тој доби македонски пасош и право за настап, откако и самиот одбра да игра за Македонија.
– Мајката на Давид е Македонка и тој не криеше дека сака да игра за Македонија. Стандарден е во Норчепинг, имаме информации дека е еден од најдобрите голмани во Шведска, и верувам дека во некој нареден период нема да имаме проблем со голманската позиција – рече Друловиќ, притоа осврнувајќи се на дуелите кои не очекуваат со Украина и со Белорусија.
Со Украина ќе бидеме домаќини на 9. октомври во Скопје, а последниот меч во овој квалификациски циклус ќе го играме со Белорусија три дена подоцна на гостински терен. Македонија е последна во Ц групата со само три бода од осум натпревари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.