| четврток, 6 декември 2018 |

Конечно е време за Суперкупот, Вардар против Работнички за трофејот

rabotnicki-vardar-8

Вардар и Работнички, ќе играат за трофејот во Супер-купот на Македонија, утревечер од 20 часот на „Филип втори“ арената.  И двата тима делуваат мотивирано за да се прикажат во добро светло и да стигнат до првиот пехар во новата сезона. Подобриот од дуелот меѓу шампионот Вардар и освојувачот на купот Работнички ќе го освои првиот пехар сезонава. Мечот се игра невообичаено доцна, но беше одложен поради обврските на Работнички во квалификациите за пласман во Европа Лигата.

Играме против екипата што најдобро ја претстави Македонија во Европа. Секако дека го респектираме противникот, но исто така и веруваме во своите сили. Поседуваме квалитет за да славиме на ово натпревар и да стигнеме до пехарот“ – истакна Никола Глигоров, поранешен играч на Работнички, сега адут на Вардар.

Деби во ваквите мечеви како тренер на Вардар ќе има Гоце Седлоски, кој атакува на првиот трофеј во својата тренерска кариера против тимот за кого има високо мислење.

Секако дека постои мотив и кај мене, како и кај сите во клубот, да славиме на овој натпревар. Вардар секогаш има императив за освојување на трофеи, ништо поразлично не е ниту сега. Играме со екипа што играме допадлив фудбал, но тоа не ја менува нашата желба да стигнеме до победата“ – изјави Седлоски.

На спротивната страна, победничка стратегија кова Игор Ангеловски, тим-менаџерот на Работнички.

Заморот поради долгото европско лето го стори своето, па сега се соочуваме со проблеми со повреди. Одлуката околу составот ќе ја донесам непосредно пред мечот, но гарантирам дека оние што ќе настапат ќе сторат се за да стигнеме до победата“ – изјави Ангеловски.

Капитенот на популарните „романтичари“, Баже Илијоски, исто така е оптимист и верува дека трофејот ќе заврши во витрините на клубот од Дебар Маало.

Кога сезоната е почната, тимовите се сконцентрирани на освојување на бодови, така што ќе биде чудно среде сезона да играме меч за трофеј. Како и да е, ние сме подготвени за борба, во обид да стигнеме до победа над големиот ривал“ – истакна најдобриот голгетер на „романтичарите“.

Мечот ќе го суди Александар Ставрев, судија со знак на ФИФА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top