| четврток, 6 декември 2018 |

ОМД: Правото на глас е загарантирано со Устав

omkdijasporaОбединатата македонска дијаспора (ОМД) го поздравува секој предлог и секоја иницијатива за дебата околу изборниот закон, бројот на пратеници и начинот на гласање за македонските граѓани со право на глас кои се наоѓаат во Република Македонија и надвор од неа.

Според ОМД, изборниот модел, бројот на изборни единици и бројот на пратеници треба да бидат донесени единствено како резултат на темелна испитаност на јавното мислење на граѓаните во Република Македонија и на тие кои по која било основа се наоѓаат надвор од Македонија.

Правото на глас на граѓанинот, соопштува ОМД, е загарантирано со Устав и во никој случај не смее да биде нарушено.

– Овие витални и клучни прашања за степенот на демократија во Република Македонија во никој случај не треба да се донесуваат преку договор на партиски лидери зад затворени врати. Типот на преговори и договори од примерот на Пржинскиот договор и Охридскиот договор кои не се резултат на испитано јавно мислење и на собраниска дебата, не се во добробит на македонското општество и само му го намалуваат неговиот демократски капацитет – соопштуваат од ОМД.

Посочуваат дека се на располаѓање на македонскиот народ, на законодавната и на извршната власт, на македонската интелегенција, на политичките партии и невладиниот сектор, и на сите останати релеванти фактори во државата и во светот, за соработка и дебата по ова прашање.

Повикуваат сите општествени фактори со сериозност да ја разгледаат нивната студија од 18 август која, како што наведуваат, го рефлектира ставот и мислењето на најголемата организација на македонското иселеништво и на Македонците во светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top