| четврток, 6 декември 2018 |

Трошок за иселениците: За тригодишен престој на родител во Австралија ќе се плаќа 5 000 долари

dijas

За да се донесе родител од некоја друга земја на повеќегодишен престој во Австралија, ќе треба да се плати скапа виза која ќе чини и до 10.000 австралиски долари. Ваква новина неодамна предложила австралиската влада, која, доколку биде прифатена во парламентот, треба да се применува веќе од ноември годинава, пренесува Дневник.

Постои голема веројатност дека предлогот ќе биде прифатен, а со тоа во значителна мера ќе бидат погодени и македонските иселеници што живеат на петтиот континент. Според пописот на населението, кој беше направен во 2011 година, во Австралија живееле 97.511 етнички Македонци, на кои мошне често во посета им доаѓаат нивните родители и други роднини.

Информацијата за ова неодамна беше објавена и на програмата на македонски јазик на австралиското радио СБС, при што е објаснето за каква промена се работи. Основно е тоа што сега австралиските власти ќе дозволуваат и ќе им издаваат визи за посета на родителите на нашите сонародници кои ќе траат повеќе години.

Предвидено е да има визи во траење од три и од пет години, со можност да бидат издадени уште еднаш. Така, во случај да се бара и да се добие виза за еден родител со дозволен престој од три години, тогаш за неа ќе треба да се платат 5.000 австралиски долари. Доколку се бара престој од пет години, тогаш за виза ќе треба да се плати двојно повеќе – 10.000 долари. Во случај да се бара продолжување на престојот, тогаш повторно ќе треба да се плати истата цена.

– Ова е, секако, премногу, но владата има свои причини зошто ја носи оваа мерка. Објаснувањето е дека секој оној што ќе дојде на ваков начин досега ја чинел државата околу 250.000 долари. Но, не се кажува од каде е таа пресметка, изјавил Зак Ристов за радиото СБС, кој е наш сонародник кој работи во агенцијата што им помага на мигрантите што се вселуваат во Австралија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top