| четврток, 6 декември 2018 |

Историска тројка, незаборавна изјава и блескава кариера на големиот Владо Илиевски (видео)

Владо Илиевски си замина од кошаркарските терени, барем кога е во прашање националниот дрес на Македонија, што го носеше со гордост. Литванската бајка од пред 4 години засекогаш ќе биде врежана во меморијата на нашиот народ, а тројката на Владо против Литванија како едно од највредните индивидуални остварувања на наш спортист. Кош за победа, поени за историја, момент што вреди да се чека, да се преживее и да се слави. За четврто место на ЕП, иако бевме на мал чекор и до медал. Успех што и од кошаркарски маг од калибарот на Душан Дуда Ивковиќ беше истакнат како еден од најсензационалните во историјата на Европските првенства.

vlado

Мирната рака на македонската „петка“ во Литванија и победничкиот кош во четвртфиналето донесе експлозија од радост, неверојатни емоции и страст. За тој кош, за таа приказна од 2011 година вреди да се биде дел од ова време. Дел од ерата на големиот Владо Илиевски. И во Хрватска на овој Евробаскет беше вистински капитен, една од малкуте светли точки во македонската експедиција.

ilievski

 

Кроток човек, со неверојатна рака и огромен кошаркарски потенцијал и квалитет. Громогласен на теренот, мудар во изјавите, скромен во обичниот живот. Вистински модел на успешен спортист, човек што Македонија во иднина го очекува на челните функции во кошарката. Како идол на илјадници млади спортисти во нашата земја и како репер за сите возрасти и генерации со неверојатно симпатичното однесување  и на теренот и надвор од него. До ново видување со капитенот во некоја нова функција во мак-баскетот ве потсетуваме на магичните моменти од Литванија во режија на незаборавниот Владо Илиевски.

Тројката на 11,3 секунди со која ја победивме Литванија со 65-63 во четвртфиналето на ЕП 2011

Изјава: Леле, леле што направивме. радувај се Македонијо

Изјава: Мала земја може да направи чудо, ако срцето е големо

 

Пишува: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top