Вчерашниот последен ден од фазата по групи на Евробаскетот беше тажен за навивачите на Македонија и на Германија. Две легенди се простија од националниот дрес, а крај на репрезентативната кариера ставија Владо Илиевски и Дирк Новицки.
Илиевски беше еден од јунаците во литванската бајка пред четири години кога Македонија на ЕП го освои четвртото место. Неговата изјава „Леле луѓе што направивме“ по мечот со домаќинот кога со тројка на десетина секунди до крај ја урна моќната Литванија, вечно ќе се памети, како и неговиот професионален однос, неговата кроткост и неговиот квалитет.
Новицки, како и Илиевски, со солзи во очите им кажа збогум на германските навивачи во Берлин. Германија во трилер завршница загуби од Шпанија и се прости од шампионатот. Си замина и популарниот Диркенштајн, како што го нарекуваат навивачите. Дирк е еден од најдобрите европски кошаркари на сите времиња, а неколкупати беше најдобар стрелец на ЕП или на СП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.