| четврток, 6 декември 2018 |

Словенија ја победи и елиминира Македонија од ЕП

FIBA EuroBasket 2015

Словенија немаше милост и ја победи и елиминира Македонија од Евробаскетот. Загубивме со 51-62 во клучниот и последен меч за пласман во осминафиналето, а ривалот заслужено славеше.

Словенците водеа од самиот почеток на мечот, најмногу со 24-10 по првиот период. Македонија ја доби втората четвртина со 14-7 и ја преполови предноста на Словенците на 7 поени разлика, но потоа повторно одигравме слабо, особено во нападот. Во еден момент од мечот имавме само 19 проценти реализација на шут од поле, а со таков ефект не се победуваат ниту послаби селекции од Словенија.

Во третата четвртина противникот повторно направи дополнителна предност од 4 поени, 21-17, што беше недостижно за избраниците на Марјан Србиновски. Дополнителен товар беше отсуството на повредениот Војдан Стојановски кој го повреди окото на претходниот меч со Грузија и не настапи.

Нерешлива енигма за македонската одбрана беше Зоран Драгиќ, новиот кошаркар на Химки, кој постигна 20 поени. Кај нас најефикасен беше Владо Илиевски со 15 поени.

Македонија на шампионатот постигна само една победа, против Холандија, а загуби од Грција, Хрватска, Словенија и Грузија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top