| четврток, 6 декември 2018 |

Словенија сламка за спас за Македонија

dragic

Победата против Словенија во последното коло од фазата по групи во Загреб е последната сламка за спас на македонската кошаркарска репрезентација. Денеска од 15 часот избраниците на Марјан Србиновски ја кројат судбината и пласманот во вториот круг. Со евентуален триумф речиси сигурно ќе патуваме во нокаут фазата, а со пораз и дефинитивно испаѓаме од игра.

Тимскиот дух и колективната игра се главните адути на Словенците во Ц групата во Хрватска. Во стилот на блескавата кариера на селекторот Јуре Здовц, кошаркар кој остана запаметен како одличен тимски играч и беспрекорен борец, секогаш е во функција на колективот. Голем хендикеп е отсуството на Горан Драгиќ, главниот играч во оваа генерација на Словенците. Реално немаат големи ѕвезди во составот и Македонија може да се носи со последниот ривал во Ц групата. Денеска ќе се кршат копјата меѓу нас и Словенија од 15 часот во меч кој ќе биде решавачки за пласман понатаму. Словенците играа сосема солидно на тест-натпреварите за ЕП и победија на 8 од 12 меча. На шампионатот забележаа по две победи и порази. Ги добија натпреварите со Холандија и со Грузија, а загубија од Хрватска и од Грција.

Главна ѕвезда: Зоран Драгиќ

Во отсуство на Горан Драгиќ, кој не доби дозвола од раководството на Мајами хит да игра на ЕП, неговиот брат Зоран е главната ѕвезда во ростерот на Словенија. И тој беше член на Мајами, а заедно со братот Горан претходно играа и за Феникс. Сега настапува за рускиот тим Химки, откако беше отпуштен од Бостон селтикс. Сепак, Зоран не е калибар на кошаркар во рангот на постариот брат и очекувањата од словенечката јавност тој да биде лидер на тимот на ЕП може да биде преголем товар на неговите плеќи.

Прва петорка: Клобучар, Блажиќ, Драгиќ, Балажиќ, Омиќ. Селектор: Јуре Здовц

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top