| четврток, 6 декември 2018 |

Србиновски: Психички не бевме подготвени за овој меч

Македонскиот селектор Марјан Србиновски разочаран од поразот против Грузија кој со евентуална победа значеше и пласман во следната рунда, изјави дека комплетната екипа неможела да се носи психички со значењето на големината на натпрварот во рамките од четврото коло од Евробаскетот.

– Сакам да им честитам на Грузијците за заслужената победа. Ние како да бевме премногу психолошки оптоварени со значењето на мечот. Премногу меко влеговме во натпреварот, во неколку наврати се обидовме да се вратиме, но екипата на Грузија беше подобра од нас. Немавме решение за Пачулија и за Маркоишвили, се обидовме со неколку различни одбрани, но ништо не функционираше. Ни останува уште една шанса, да се обидеме, да дадеме се од себе, се надевам на многу подобра игра од оваа денешната. По квалитет Словенија е трет тим во оваа група, добро вкомпонирана селекција која игра доста агресивно во одбрана. Можеби најдобрите играчи во моментов не играат за нив, но се многу компактна екипа. Треба да одиграме 120% од своите можности, ако сакаме да направиме нешто утре – изјави Марјан Србиновски.

Нашите кошаркари настрадаа во бројните дуели со Грузијците, Стојановски доби незгодна повреда на окото, а на повреди се пожали и го напуштија теренот и Симоновски и Самарџиски.

– Судиите имаа некој чуден критериум со кој дозволија нешто посилен контакт во дуелите, но кога имате пристап во играта како ние денеска не можете да се жалите на такво нешто. Јас само се надевам дека Војдан ќе може да игра утре, бидејќи ако загубиме така значаен играч во ротацијата, тоа би бил огромен проблем – порача македонскиот селектор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top