Гостувањето на поранешниот светски и актуелен европски првак Шпанија е празничен подарок за македонските љубители на фудбалот, а репрезентативците посакуваат сензација на денот кога Македонија прогласи независност. Популарната „црвена фурија“ ни гостува утре на 8. септември во меч кој за нас нема посебно резултатско значење, бидејќи ги загубивме сите шанси за пат на Европското првенство во Франција следната година.
„Разочарани сме по поразот од Луксембург и имавме долги разговори меѓу нас играчите. Сакаме да им се оддолжиме на навивачите со максимално залагање, со беспоштедна битка против фаворитот и ако е можно да приредиме сензација“, изјави Александар Трајковски, играчот на Палермо.
Македонија има само 3 бода и многу разочарувачки партии фудбал во овие квалификации, а се чини дека мисијата успех против Шпанија е невозможна. Гостите играат се подобро како се ближи финишот на квалификацискиот циклус и се апсолутни фаворити против Македонија. Во првиот меч во Шпанија не победија со 5-1, а со триумф и во Скопје утревечер ќе бидат на прагот на нов настап на ЕП. на претходните два шампионати Шпанците ја освојуваа круната и како што стојат работите во Ц групата ќе имаат можност да атакуваат на хет-трик.
„Утре не чека еден голем натпревар. Ни гостува Шпанија во незгоден момент за нас, но мора да се издигнеме над ситуацијата и ако е можно да дојдеме до поволен резултат. Играме пред домашна публика и мора да собереме сили да се рехабилитираме за поразот од Луксембург. Разочарани сме, но имавме разговори по враќањето од Луксембург со фудбалерите кои се свесни за целата ситуација и мора да дадат максимум за да ја оправдаме довербата на јавноста. Мора да се оддолжиме со добра игра, а јавноста ќе знае тоа да го цени“, изјави селекторот Љубинко Друловиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.