Од минатата прослава на независноста на државата, до овој Осми септември, Македонија измина пат од „Седум милји“. Можеа ли многу работи да се предвидат? Да, можеа. И беа предвидени; и беа упатени предупредувања. Можеа ли да се избегнат? Е за тоа ќе треба да измине доволно време, да се оладат некои глави. Па бидејќи низ оваа измината година „Република“ направи ретроспектива за „Мрачното време на транзицијата“, ќе може да се анализира годината на обидот за „пуч“, за „бомбардирање“ на безбедносниот систем, годината на жестоки насилни протести, годината кога Македонија повторно положи жртви против терористички групации, џихадистички ќелии, годината на соочувањето со налетот на емигранти…
„Кој добива, а кој губи?“
Уште по објавувањето на веста за случајот „Пуч“, „Република“ објави анализа во која се содржи суштината на сето тоа на што сме сведоци изминатите шест месеци. Според тоа како се одвиваат работите, веројатно овој текст ќе ја има истата свежина до изборите договорени за април в година.
„Првата вест што го обиколи светот е дека во Македонија имало пуч, при што сите што ја слушнале веста замислуваа тенковски колони како влегуваат во Собранието, зградата на Владата и во претседателската резиденција. Тоа без никаква дилема значи дека Македонија е таа што најмногу загуби… На листата на губитници, веднаш по татковината, е Зоран Заев. Освен ако нема цел при целосното пропаѓање да го повлече со себе и премиерот Груевски, нема никаква логика зошто тој влезе во сценариото што го следиме со денови. Во земја во која тој има четирипати помал број поддржувачи од Груевски, во земја во која политичката поддршка неретко се дава и поради лична придобивка, но, пред сè, поради традиционални идеолошки претпоставки, Заев не може да се надева дека со информациите, па дури и тие да се најстрашни, ќе си ги заменат местата со премиерот… Пред сè затоа што македонските граѓани ќе знаат да ги казнат тие што вршеле незаконски дела ако се докаже дека навистина вршеле, но нема да ги наградат тие што, освен тоа што немаат никаква идеја за начинот на кој би владееле со земјата, немаат алтернатива за сегашната политика, немаат структура и покрај тоа што најавија влада во сенка. Другата причина е јасна – не се дава награда на тој што, мислејќи дека има моќно оружје в џеб, отишол да преговара и да се пазари за нешто за што никој нормален политичар не смее да прави пазар. Тоа што неколкупати јавно негираше одредени дела, па потоа признаваше дека лажел е веќе стара приказна“, стои во анализата „Кој добива, а кој губи?“, објавена на почетокот на февруари.
„Мрачното време на транзицијата“
8 Септември е денот кога Македонија се определи за државност. Оттогаш, Македонија и Македонците отворија нова страница, нова борба за зачувување на својот идентитет, на својата посебност, на своето човеково право за самоопределување, која трае и ден- денес. Но, ќе беше ли сѐ поинаку доколку во тие први години на државност националните интереси натежнаа врз личните интереси по кои се водеа наследниците на стариот систем? Колкава ли ќе беше економската моќ на граѓаните, но и на државата, доколку не се случеа криминалните активности поврзани со приватизацијата на општествениот имот?
Низ редовите на фељтонот „Мрачното време на транзицијата“ се пренесе атмосферата што владееше во Македонија кога растот на БДП беше во минусно салдо, кога невработеноста растеше секојдневно, инфлацијата се дигна до 15 проценти на месечно ниво, а државата создаваше моќници кои управуваа со животите на луѓето, злоупотребувајќи ја власта во услови на економска блокада од југот кон Македонија и светско ембарго кон северната граница.
Фељтонот не случајно почна во септември, месец што се поврзува со почетокот на падот на СДСМ и неговиот постојан лидер. Месец и датум, 15 септември, ден кој жртвите на транзицијата го одбележуваат како ден на изгубените надежи, ден на илјадници стечајци, измамени штедачи, невработени, социјални случаи, земјоделци, пензионери, 150 затворени компании и повеќе од 200 илјади избркани од работа. За да не се заборави. За да не се повтори.
Пуч, бомби, насилство
Како тоа постојано кога е во неволја, СДСМ добива прислушувани материјали? – анализира „Република“ во „Пет разузнавачи на квадратен метар“. Во неа се користеа сведочења на истакнат член на опозицијата – професорот Милан Бабаноски, поранешен шеф на Службата за државна безбедност, кој директно посочува на медиумски куќи вмешани во шпионски игри. За волја на вистината, токму Бабаноски беше забележан како манипулира со младинците во првите редови на протестите пред владата, кои потоа станаа насилни и во кои беа повредени повеќе полициски службеници.
„Македонија, за разлика од Србија, Украина и од Египет е една од земјите каде што теоријата на Џин Шарп нема успешна реализација на терен, пред сè, поради лошо испланираното сценарио на странските агентури и поради немањето минимум капацитет кај опозициското раководство, вклучувајќи ги и Соросовите инсталации, да го спроведат планот што им е сервиран на тацна, во кој прецизно се означени целите кон кои треба да се дејствува“, анализира „Република“ во март, а во контекст на однесувањето на опозицијата според Соросовиот „Водич за востанија“.
Околу сувереноста и странските пресметки, „Република“ го анализираше и однесувањето на медиумите. „Беше потребно време, но сувереното македонско општество ја надмина инфериорноста наметната од политичарите кои за секој свој чекор бараа аминување од странските амбасадори… Актуелната политичка криза повторно ги активира новинарските дејци да се обидат на голема врата да ги вратат ’Гувернерите и гувернантите’ на Македонија“- предупреди „Република“ во март.
„Ти кажувам ќерко, сети се снао“
Напливот на бегалци со кој сега се соочуваат Македонија, балканскиот регион и ЕУ не е изненадувачки, ако се земеа предвид анализите и предупредувањата што доаѓаа од грчката страна.
„Новиот министер за одбрана на Грција, контроверзниот Панос Каменос, кој беше и во владата на тројната коалиција предводена од Самарас, ги збуни грчките партнери во НАТО и во ЕУ со својата изјава дека ако кредиторите не ги прифатат барањата на новата влада во Атина, тој и неговото министерство ќе пропуштат милиони бегалци од Блискиот Исток и од Африка, меѓу кои ќе има и џихадисти. Каменос, сепак, не кажа ништо ново. Грција со години го прави тоа, контролирано пропуштајќи преку планината Ниџе стотици, најчесто сириски и ирачки бегалци кон Македонија. Токму северниот грчки сосед е тој што треба да се плаши од заканите на лидерот на ’независните Грци’… Сценариото според кое би можела поради недостиг од пари или од политички причини, да ја запре контролата на границата со Турција ќе значи илјадници членови на Ал Каеда и на ИСИЛ на пат кон земјите каде што можат да најдат поддршка, како во Македонија, Србија, Босна, а потоа и влез во отворениот шенген простор“, анализира „Република“ на почетокот на март.
Место заклучок
Невозможно е да се објават сите анализи посветени на актуелностите што се редеа како на филмска лента меѓу ланската и годинашната прослава на македонската независност. Или поточно, во третата година откако „Република“ е со вас. Тоа, пак, што го посакуваме како редакција е во следниот роденденски број, во следната ретроспектива на анализите, да преовладуваат наслови посветени на зголемениот наталитет, на економскиот пораст, анализи што ќе придонесат кон демократскиот развој и политичката зрелост на државата. Во атмосфера достојна за заедничка прослава на 25-годишнината на независноста на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


