Македонската репрезентација сака да се надигрува со актуелниот светски првак Шпанија, а „црвено-жолтите“ се свесни дека против себе ќе ја имаат една од најсилните репрезентации. Желбата за позитивен резултат не изостанува ниту кај селекторот Обрван ниту кај неговите избраници. Мечот е утре од 17.30 часот во СЦ „Борис Трајковски“.
– Атмосферата е многу добра, со нетрпение го очекуваме овој меч и посакуваме успех. Синоќа го одрживме првиот тренинг комплетни, заедно со Кире Лазаров и со Борко Ристовски, кои имаа обврски во своите клубови изминатиот викенд. Денеска ќе одржиме уште еден тренинг за да ги средиме последните детали и максимално подготвени да влеземе во мечот. Мечот со Шпанија не е пресуден за нас, наша цел е да се пласираме на ЕП 2014, веруваме во реализацијата на таа цел, а таа ќе зависи од севкупниот резултат на останатите четири натпревари. Сметам дека Македонија не одигра на своето вообичаено ниво на СП во Шпанија и очекувам овојпат да се прикажеме во подобро светло. Верувам дека можеме да стигнеме до позитивен резултат. Само да бидеме дисциплинирани во нападот и да играме цврста одбрана – изјави селекторот Ивица Обрван.
На добра игра и победа се надева и Филип Миркуловски.
– Сите знаеме каква игра прикажаа Шпанците на последното СП. Најважно е што атмосферата е на највисоко ниво, доста работевме и сакаме успех. Противниците се можеби нешто подобри по квалитет, но никако нема да дозволиме да бидат поборбени од нас. Напротив ќе дадеме сѐ од себе, ќе изгинеме за секоја топка и бодрени од нашите навивачи ќе се обидеме да стигнеме до победата – изјави Миркуловски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


