| четврток, 6 декември 2018 |

Дезир:Француската поддршка за ЕУ е јасна, најважна е имплементацијата на договорот од Пржино

pop

Франција ја поддржува Македонија за спроведување на реформите коишто ќе и овозможат на земјата да излезе од политичката криза и да напредне на патот кон приклучување во ЕУ, но исто така се солидаризира со неа и во соочувањето со ургентноста која што ја наметнува мигрантската криза. Најважно при тоа е исполнување на договорот од 2 јуни и 15 јули.

Тоа е пораката која што денеска во Скопје ја пренесе државниот секретар за европски прашања во француското МНР Арлем Дезир на прес-конференцијата во Скопје по средбата со вицепремиерот Фатмир Бесими.

pop2

Тој нагласи дека треба да се има предвид големиот интерес, а тоа е единството и иднината на земјата кои се во прашање и укажа на одредените барања во однос на почитување на обврските кои политичките партии ги презедоа со договорот од јули.

– Договорот од 15 јули којшто беше потпишан благодарение на извонредната работа на еврокомесарот Јоханес Хан може да отвори нова етапа во историјата на земјата. Но, за тоа треба да се спроведат сите обврски од политичките партии. Обврски кои се мошне јасни посебно за назначување специјален јавен обвинител којшто ќе биде независен во однос на аферата со прислушувањето назначен од страна на Собранието со усвојување на закон треба да се случи до 15 септември и треба тој рок и да се почитува, како и подготовката и организирањето на изборите на 24 април. Но, исто така и назначување транзициска влада до одржување на изборите е нешто што е од суштинско значење, како и продолжувањето на реформите и усвојувањето на приоритетните реформи како што постојано се бара во извештаите од Европската комисија и во извештајот на Прибе. Сите овие обврски треба да се почитуваат во точно утврдените рокови, тоа е најважно – порача Дезир.

pop3

Тој нагласи дека се очекува паралелно со ова, Владата да ги преземе сите неопходни мерки за да одговори на голем број недостатоци коишто беа констатирани посебно со прислушувањето, а кои се наведени во извештајот на Прибе, како и на бројните препораки коишто, вели, ќе гарантираат правна држава, почитување на фундаменталните слободи, поделба на различните власти во РМ, особено независност на судскиот систем.

pop4

За кризата со мигрантите  Дезир потенцира дека како земја кандидат за влез во ЕУ, Македонија ќе треба да смета на поддршката, но и на солидарноста од своите европски партнери. Најави дека попладнево ќе го посети и граничниот премин Табановце во придружба на министерот за внатрешни работи Митко Чавков.

– Во однос на кризата со мигранти ќе кажам дека Македонија и Србија денес се соочуваат со бран на мигранти којшто е без преседан во поновата историја, посебно по Втората светска војна. Иако регионот веќе се соочил со  проблемите со миграциите, посебно во војните во деведесеттите години, но она што ние денес го нарекуваме „балкански пат“ е пат којшто е основен по којшто одат мигрантите, 47.000 од средината јуни и сите анализи покажуваат дека станува збор за феномен којшто ќе трае, феномен за којшто ние ќе треба да дадеме одговори и тоа трајни и да се координираме на европско ниво – рече Дезир.

Тој потсети дека ЕК објави хуманитарна ургентна помош од 1,5 милиони евра, и оцени дека ќе треба да се обединат сите европски финансиски инструменти кои се на располагање, посебно ИПА за да им се помогне на балканските земји за да ја зајакнат контролата на границата, но исто така и побрзо да ги идентификуваат мигрантите. Целта е да се направи разлика меѓу оние на кои им е потребна меѓународна помош, кои се политички бегалци и треба да бидат прифатени по тој статус, од оние кои треба да се вртат во своите матични земји во рамки на договорите за реадмисија.

– Хуманоста и одговорноста треба заедно да одат во однос на третманот кон мигрантската криза. Тоа ќе биде една од целите на конференцијата за Балкан која што ќе се организира до крајот на годината – истакна францускиот дипломат.

Вицепремиерот Фатмир Бесими посочи дека денешната посета на францускиот висок дипломат е јасен сигнал за соработката и поддршката што постои меѓу Македонија и Франција. Тој истакна дека го информирал министерот Дезир за процесот на евроинтеграции, за Акцискиот план на реформи, за нивната динамика, како и за пристапниот дијалог на високо ниво кој треба да продолжи овој месец со посетата на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со вчерашната одлука на судот со која ги отфрли доказите за поведување истрага на Обвинителството околу случајот „Прислушување“ вицепремиерот Бесими рече дека во однос на договорот од 2 јуни јасно е што треба да се направи – имплементација на тоа што е договорено.

– Во однос на тој договор и во однос на реформите што се очекуваат од РМ – целосна имплементација на препораките и целосна имплементација на договорот од 2 јуни, што значи дека на тој начин РМ би дала јасен сигнал дека е сериозна земја, заинтересирана за членство во ЕУ – рече Бесими.

Дезир го сподели мислењето дека треба да се почитуваат сите препораки и рокови за спроведување на договорот од јуни, и од јули.

– Мислам дека е тоа најдобар начин да се справуваме со темите, навистина да се изгради доверба, да се свртиме кон иднината и да направиме се за да европскиот пат на Македонија повторно биде отпочнат – рече државниот секретар за европски прашања при француското МНР Дезир.

Како што истакна Дезир на истите теми тој ќе разговора што денеска ќе ги има и со претседателот на државата Ѓорге Иванов, премерот Никола Груевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски, со претставници на политичките партии и со пратеници во Парламентот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top